Тајни информации за името протекоа во парламентот


Шефот на дипломатијата Никола Димитров вчера не доби шанса да има свое излагање за остварување на меѓународната политика на собраниската Комисија за надворешна политика, а нова шанса најверојатно ќе има денеска. Рампата на Димитров му ја крена претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, кој инсистираше пратениците што имаат безбедносни сертификати да ги добијат класифицираните материјали што како собраниско тело ги побарале и ги добиле од претседателот Ѓорге Иванов. Тој изјави дека тие биле многу битни и значајни за надворешната политика и се однесуваат на ставовите на власта и министерот за надворешни работи во врска со преговорите за името со Грција, што е точка на дневниот ред. Димитров, пак, воопшто не знаел за класифицираните документи пред седницата.

Материјалите, како што откри Милошоски, се однесувале на две средби што се одржале во јануари и мај кај претседателот Иванов, а на кои тема биле преговорите за името со Грција.

Тој ги обвини власта и претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека забраниле овие материјали да бидат доставени до пратениците и оти тоа говори дека се обидуваат нешто да скријат.

„Дали е забраната поделбата на овој материјал затоа што на првата средба во јануари годинава се освоил национален консензус да нема менување на уставот по однос на решението со Атина. Таквото тврдење го има и министерот Димитров. Или е забраната издадена затоа што на втората средба во мај годинава е кажано дека Уставот ќе се менува како предлог на Владата, само доколку решението биде Илинденска Македонија и за ниту еден друг предлог. Во спротивно, Македонија ќе се вратела на двојната формула“, рече Милошоски нагласувајќи дека седницата ќе почне откако материјалите ќе бидат доставени до членовите на Комисијата.

По обвинувањата на Милошоски, од СДСМ најавија покренување кривични пријави за оддавање државна тајна против претседателот на Комисијата за надворешна политика и против претседателот на државата. „Претседателот на Комисијата, Милошоски, бил предупреден од претседателот на Собранието дека станува збор за државна тајна. Јавноста треба да знае дека Милошоски од 2015 година не поседува безбедносен сертификат за државна тајна. Поради тоа, не може и не смее да има пристап до такви информации. Нема право ниту да бара таков извештај, а кабинетот на претседателот не смее да доставува извештај до пратеник кој нема сертификат. Од тие причини ќе бидат поднесени кривични пријави за оддавање државна тајна врз основа на член 317 од Кривичниот законик против пратеникот и тој што му го доставил документот“, изјави на прес-конференцијата во Собранието, пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири.

Дел од колегите на Зекири реагираа зошто Милошоски не ги обелоденил и ставовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Според нив, скандалозниот настап на пратеникот Антонио Милошоски на Комисијата за надворешни работи и однесувањето на претседателот Ѓорге Иванов е директно на штета на интересите на државата и на нејзините граѓани.

Министерот Димитров, кој не доби шанса да говори пред Комисијата, во изјава за медиумите истакна дека во сите преговори има и преговарачки тактики, има позиции, но оти нема намера сега да зборува за тоа за да не му наштети на целиот процес и постигнатиот договор.

„Ако се сеќавате, во јавноста од другата страна имаше информации за непреведливо име, за споено име… Секогаш кога се движите кон компромис двете страни се движат. Мене ми е тешко на ова да одговарам, токму затоа што тие се класифицирани. Ние сме во еден деликатен процес. Сè што ќе излезе во нашата јавност ќе се пренесе и во грчката јавност и таму може да им ја отежниме работата и за мене е многу поважно процесот да успее и да има резултат отколку јас денеска да излезам победник, а сите да излеземе поразени по крупната тема“, рече Димитров.

Ќе дојде време, нагласи тој, кога ќе се декваласифицираат сите работи.
„Во секое време сум подготвен да разговарам за моите ставови бидејќи сум многу сериозно и искрено вложен во овој процес“, рече Димитров.
Тој додаде дека за тоа како се води надворешната политика говорат постигнатите резултати, патоказот за ЕУ, поканата за членство во НАТО, постигнатите договори со Бугарија и Грција, како и посочувањето на Македонија од страна на меѓународната заедница како светол пример во регионот.

(Н.К.)