Таравари за удавеното девојче: Како по вторпат да ја изгубив мојата сестра


Во врска со трагичниот настан кој се случи синоќа во Гостивар, при што 17 годишната Џехја Меџити од село Здуње го загуби животот давејќи се во Вардар, се огласи градоначалникот на Арбен Таравари. Тој вели дека болката која што ја чувствува семејството Меџити, му е позната, бидејќи во исти околности загубил член на своето семејство.

Според првичните информации, девојчето бегало од кучиња, паднало во Вардар и се удавило.

„Ваков трагичен настан не е туѓ за мене, бидејќи во исти околности изгубив член од моето потесно семејството. Знам како се чувствува семејството на девојчето кое веќе не е меѓу нас. Кога ја примив веста за давењето на Џехја, многу ме натажи случајот но и ме врати во траумите на моето семејство. Девојчето, велат дека се удавило обидувајќи се да се спаси од куче скитник. Иако случајот сè уште нема службена верзија, наклонет сум да му верувам. Гостиварци не измислуваат политички напади до овој степен. Чувствувам целосна одговорност како градоначалник да објаснам дека во нашиот мандат, наследивме трло од 400 кучиња кои моѓевме да ги изброиме само во Гостивар, а нивниот реален број сигурно бил многу поголем“, вели Таравари во писмото.

Додава дека, кога дошол на функцијата градоначалник затекнале по едно куче на метар квадратен, а досега оперирале 50 и вакцинирале 100 кучиња.

„Најискрено сочувство до семејството на девојчето, како брат кој по вторпат ја изгуби својата сестра, би замолил да не се влегуваат во политички драми, оние кои воопшто не ги засега болката на семејството или на оние кои биле погодени со вакви несреќи! Ако се откажеме, покажуваме 0 одговорност, ако продолжиме да ја водиме битката со кучињата, значи имаме сила и дигнитет“, вели Таравари.