ТАВ: „Ејџијан Ерлајнс“ ќе слетува и полетува од Скопскиот аеродром


ТАВ Македонија, операторот со двата македонски аеродроми, потврди дека добиле барање за слотови (предвидени времиња за слетување и полетување во одредени денови) од грчката компанија „Aegean Airlines“ (Ајџијан Ерлајнс), која треба да лета на релација Скопје-Атина.

„‘Aegean Airlines’ побара за вторник – време на пристигнување 9 часот и 15 минути и време на заминување 9 часот и 45 минути, и  четврток – време на пристигнување 18 часот и 55 минути, и време на заминување 19 часот и 25 минути, почнувајќи од први ноември. Подготвени сме да обезбедиме аеродромски услуги, како и услуги за прифаќање и испраќање на воздухоплови, патници и стока, на секоја авиокомпанија која што има дозвола за летање до и од Скопскиот и Охридскиот аеродром“, велат од ТАВ.

Дозволата за слетување и полетување е во надлежност на Агенцијата за цивилно воздухопловство(АЦВ).

Од АЦВ потврдија дека добиле ново барање од грчката авиокомпанија и дека нема пречки за реализирање на побараните летови. Претходно, Агенцијата информираше дека грчката авиокомпанија прво побарала а потоа за два часа го повлекла барањето дозвола за полетување и слетување.