СЈО поднесе жалба и бара притвори во случајот „Поштенска банка“


 

Специјалното јавно обвинителство достави жалба од Основниот суд Скопје 1 на неговата вчерашна одлука да не прифати притвор за тројцата осомничени од предметот „Поштенска банка“. Според СЈО жалбата се поднесува на одлуката на судот да им се одреди мерка на претпазливост – јавување во полициска станица еднаш неделно на осомничените Томе Главчев од Гевгелија и Ратко Димитровски од Кочани, заради тоа што СЈО смета дека двајцата во изминатиот период влијаеле врз сведоци, имале имот и често пати патувале, па постои опасност од нивно бегство.

За Коле Смилевски директорот на банката, СЈО не поднесува жалба, пред сѐ поради неговата здравствена состојба.

Специјалното јавно обвинителство  вчера побара определување мерка притвор за три лица од предметот „Поштенска банка“. Трите лица беа спроведени и по сослушувањата и ценење на фактите и доказите приложени во предлогот, судија на претходна постапка донесе решенија со кои им определи мерки за претпазливост.

На осомничениот К.С. му е изречена  мерката привремено одземање на патната исправа и обврска повремено да се јавува на овластено лице во судот, а на  Р.Д. и Т.Г. изречена им е мерката – обврска повремено да се јавуваат во судот во Кочани, односно судот во Гевгелија. Станува збор за Коле Смилевски директор на банката и бизнисмените Томе Главчев и Ратко Димитровски, кои се товарат за прибавување имотна корист од пет милиони евра за кривични дела сторени од 2001-вата до 2010 година.

Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите вчера ја отвори истрагата со кодно име „Поштенска банка“. Станува збор за финансиска истрага со која се осомничени вкупно девет лица.