СЈО не побара притвор за Кочан, но ќе конфискува имот од 17 милиони евра


Специјалното јавно обвинителство е задоволно од пресудата во случајот „Труст“, со која на првообвинетиот Сеад Кочан му е изречна казна затвор од шест, а на второобвинетиот Василјие Авировиќ три години затвор.

Обвинителот Гаврил Бубевски изјави дека мерката притвор за Кочан не е задолжителна, бидејќи за него има дадено гаранција дека нема да се даде во бегство.

По изрекувањето на пресудата Бубевски рече дека е пријатно изненаден од одлуката на Судот да им се конфискува имотот на обвинетите во износ на вкупната сума за која се товарат.

„Му честитам на Судот по однос на конфискацијата, затоа што ова е првпат вака да се конфискува имот по бруто принцип. Ваквиот начин најверојатно ја прави најголемата превенција од идни вакви кривични дела. Се работи за принцип што го имаат сите поразвиени правни системи“, рече Бубевски и додаде дека на овој начин се прави директен удар по економската добит на кривичното дело.

Во контекст на тоа појасни дека со бруто принцип на конфискација значи дека не се одбиваат трошоците кои се во врска со кривичното дело, туку целата сума на тендерот се конфискува.

„Значи околу 90 отсто од она што е износ на конфискација е привремено обезбедено со недвижнини и подвижни ствари на осудените“, рече Бубевски.
На новинарско прашање во врска со ослободителниот дел од пресудата Бубевски рече дека Судот има своја правна аргументација, а СЈО имаше сопствена правна аргументација.

На денешното судско рочиште првообвинетиот Сеад Кочан доби шест години затвор, второобвинетиот Василије Авировиќ доби три години затворска казна, а Сафет Ватиќ е ослободен од обвинение. Авировиќ не дојде да ја слушне пресудата поради здравствени причини.