СЈО не може да ги најде првите луѓе на МПМ


Специјалното јавно обвинителство повеќе од два месеца не може да ги најде Срѓан Керим и Јана Станисављева, некогашните први луѓе на Медиа принт Македонија, кои се осомничени во предмет за лажен стечај што го отвори СЈО.

Оттаму велат дека досега повеќе пати се направени напори да им бидат врачени покани на Керим и Станисављева, но дека поканите се вратени бидејќи куририте не можат да ги најдат на нивната адреса.

На двајцата им се изгубила трагата од почетокот на октомври по нивниот распит во просториите на Обвинителството.

Досега Обвинителството не побарало никакви мерки за обезбедување на присуство.

Керим вчера ги демантираше информациите и тврди дека е достапен за сите, па и за СЈО.

„Независен весник“ вчера стапи во контакт со Керим, но освен изјавата дека ги демантира информациите на СЈО, не сакаше да коментира ништо друго. „Ве молам не трошете ми го времето со бесмислени работи“, ни изјави Керим и ја прекина врската.

Претходно во изјава за „Макфакс“ тој изјави: „Каде ќе одам и што ќе правам е моја приватна работа. Ниту сум под истрага ниту сум цел на прогон“ и тврди дека пред два дена контактирал со СЈО.

Тој вели дека информациите ги смета како хајка намерно насочена кон него за да се дискредитира лично. Керим, освен македонски, има и хрватски пасош и поседува куќа во Опатија. На неговиот профил на „Фејсбук“ пишува дека тој живее таму, но не се открива каде е моментално.

Поранешната директорка на Медиа принт Македонија, Јана Станисављева и управителот Срѓан Керим беа на распит во Специјалното јавно обвинителство на 13 септември во својство на осомничени лица во рамки на истрагата што СЈО ја презеде од Основното јавно обвинителство.

Тие се товарат за лажен стечај, злоупотреба на службената положба и злоупотреби на средствата на доверителите. За овој случај на сослушување биле и поранешни вработени во весниците, подносители на пријавата, а била одземена и документација.
Постапка за овој случај имаше отворено Основното јавно обвинителство по пријава поднесена од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, но надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО бидејќи потекнува од прислушуваните разговори.

Oбвинителството ги проверувало финансиските исплати во време кога весниците згаснуваа поради наводна финансиска криза, а сомнежите се проверувале преку одделението за компјутерски криминал во МВР.

Истражители на СЈО минатата година влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на „Орка холдинг“ на Орце Камчев. Медиа принт Македонија сега е во стечајна постапка, а Камчев е во притвор како првоосомничен за случајот „Империја“. Тој понуди рекордни 14 милиони евра за да излезе на слобода, но судот сè уште нема донесено одлука.

Според неофицијални информации, истрагата за случајот „Империја“ е проширена токму за предметот на МПМ. Според информациите на Макфакс, Керим преку скопскиот аеродром заминал кон Виена, а неколку дена подоцна со авион отишол во Дизелдорф. Во Виена беше канцеларијата на Керим во времето кога тој директоруваше со групацијата ВАЦ за Југоисточна Европа. Тоа беше и местото каде што неофицијално требаше да биде испорачано шишето со 750 илјади евра, со кое беше фатен неговиот личен возач на српско-унгарската граница.

И Јана Станисављева, која беше на распит во СЈО, а на јавноста ѝ стана позната по тоа што од МПМ примала месечна плата од 1,4 милиони денари според менаџерскиот договор, според нашите сознанија, била надвор од државата. Таа во два дена двапати ја напуштила државата. По второто излегување, веќе не се вратила.

Керим во периодот од 30 ноември 2000 до 13 мај 2001 година беше министер за надворешни работи, како и амбасадор во Германија и во Обединетите нации. Од септември 2007 до септември 2008 година беше претседател на Генералното собрание на ОН. Подоцна имаше амбиции да стане и генерален секретар на ОН како предлог на Македонија, но не успеа. Во 2009 година, во пресрет на изборите за претседател, СДСМ, кој тогаш беше во опозиција, му предложи на ВМРО-ДПМНЕ да излезат со заеднички консензуален кандидат – Срѓан Керим. Неговото име се споменуваше како кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, но штом ја добија понудата од СДСМ, ја одбија и изненадувачки го кандидираа професорот Ѓорге Иванов.(Ф.Ф.С)