СЈО истражува нови криминали со изградбата на автопатиштата


Специјалното јавно обвинителство води нова постапка која се однесува на направените милионски штети со изградабата на двете делници од автопатот Скопје-Штип и Кичево-Охрид.
Според сознанија до кои дојде „ПРАВОСУДСТВО.МК“, во својство на оштетени, деновиве, на распит треба да бидат повикани актуелниот министер за градежништво, урабизам и сообраќај, Горан Сугаревски и Зоран Тунтев, директор на Агенцијата за државни патишта.
Од споменатите двајца, всушност, се очекува да ги потврдат еднаш веќе изречените обвинувања на сметка на поранешната власт дека, во должина од седум километри, е промашена трасата на делницата од автопатот Кичево-Охрид, но и тоа дека не е завршена експропријацијата на земјиштето на трасата Миладиновски – Свети Николе, односно на автопатот Скопје-Штип.
СЈО, според сознанија на „ПРАВОСУДСТВО.МК“, веќе има направено точна пресметка на штетите од изградбата на автопатишатата, коишто ги започна минатата власт, а кои се предмет на кривичен прогон поради милионските провизии, но н покрај тоа што СЈО е пред комплетирање на пресметките на штетите, сепак, ќе причека на крајниот износ се додека не бидат комплетирани и исказите на сите повикани сведоци.