Судот смета дека отсуството на Груевски не е штета за Собранието


Една по една се исцрпуваат можностите за Никола Груевски и неговиот адвокатски тим за одлагање на затворската казна. Во текот на вчерашниот ден, судијата за извршување санкции при Основниот суд Скопје 1 ја одби молбата на поранешниот премиер, со што останува одлуката в четврток да се јави во затворот „Скопје“. Решението од скопска „единица“ е испратено до странките во постапката, кои имаат право на жалба во рок од три дена до Кривичниот совет. Двете причини на кои се повикуваше Груевски се обврските што ги има како пратеник, пред сè, поради актуелните процеси во Собранието поврзани со уставните измени. Втората причина е поврзана со докторатот кој го одбрани летоска, односно врз основа на докторската теза да напише книга. Тој е осуден на две години затвор за набавката на луксузниот „мерцедес“, заради потребите на Министерството за внатрешни работи.

Тасевски: Ќе се жалиме

Боро Тасевски, кој е еден од петтемина адвокати на Груевски во случајот „Тенк“, најавува жалба по ваквата одлука на судијата за извршување на санкција.

„Што да ви коментирам за решението? Дозволете само да ви цитирам еден дел: ‘Од оваа потврда (се мисли на потврдата дека Груевски е пратеник) не произлегува дека со извршување на казната затвор од страна на осудениот како пратеник во парламентот на РМ, би настапила позначителна штета за Собранието со оглед дека одлуките се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници’“, коментира Тасевски за „Независен весник“.

Жалбата ќе биде поднесена најдоцна в понеделник, а потоа ќе се состане Кривичниот совет составен од тројца судии. Тие, пак, до 8 ноември треба да донесат конечна одлука дали Груевски ќе оди во затвор или ќе има одложување. Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, веќе најави дека Законот за извршување санкции прецизно ги наведува причините поради кои може да се одложи казната, но оти станува збор за исклучоци кои се случуваат многу ретко.

Освен тоа, секој од адвокатите на Груевски има поднесено посебно барање, со посебни причини за вонредно преиспитување на пресудата пред Врховниот суд на чело со Јово Вангеловски и одложување на издржувањето на казната затвор. Сепак, нема шанси до крајот на идната недела Врховниот суд да одлучува по жалбите, поради што главниот збор останува во рацете на Кривичниот совет.

Иако вонредните правни лекови не го одложуваат одењето в затвор, Врховниот суд може да донесе одлука и да го врати случајот на повторно одлучување и да го запре извршувањето на санкцијата, односно да го ослободи Груевски од затвор. Во последните пет години, Врховен донел вкупно 18 решенија за одложување на казна постапувајќи по барања на обвинети.

Во Шутка подготвени

Во затворот во Шутка се подготвени да го примат поранешниот претседател на Владата, кој десетина години владееше со земјата. Казнено-поправната установа „Скопје“, каде што беше констатиран нехуман и несоодветен третман кон осудениците во речиси сите меѓународни извештаи, важи за најголемиот затвор со притворско одделение, но во него има и дел за лица што се осудени до три години, меѓу кои е Груевски, како и повратници осудени до шест месеци.

Директорот на затворот, Ѓоко Котевски, истакна дека во делот каде што се издржува затворската казна нема ВИП-соби.

„Ние не ги делиме луѓето на ВИП и обични граѓани. Значи, тука сите осудени лица добиваат соодветен, ист третман. Примарна работа на секој затвор е да работи на ресоцијализација на осудените“, изјави Котевски за нашиот весник.

Секое осудено лице што првпат доаѓа во овој затвор треба да помине од три до 15 дена во приемното одделение, во зависност од проценката на службите. Таму се запознаваат со куќниот ред и се прават анализа и проценка каков третман би имале лицата за ресоцијализација. Потоа се врши класификација, односно се одлучува дали осуденикот ќе биде во затвореното, отвореното или полуотвореното крило. Основен и највисок облик за ресоцијализација е работата, па затворениците вршат земјоделски, полјоделски работи, работат во столарска работилница, имаат време за фудбал, кошарка, пинг-понг, шах, а имале и богат фонд на книги.

Исклучените пратеници ќе гласат против

Груевски веќе почнал да пишува книга врз основа на докторската дисертација „Економските ефекти на различните видови меѓународни текови на капитал, со посебен осврт на Република Македонија“. Тој стана доктор на науки во јули. Докторската дисертација, распослана на повеќе од 300 страници, околу еден час ја бранеше пред присутните членови од семејството, професори и новинарски екипи.

Паралелно тече и процедурата за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски. Комисијата за мандатно-деловнички прашања треба да достави предлог-заклучок до Собранието, каде што на пленарна седница ќе расправаат сите пратеници. Се очекува седницата да биде свикана следната недела. За да му се одземе мандатот, ќе биде потребно двотретинско мнзоинство. Постоеја шпекулации дека парламентарното мнозинство што ги изгласа уставните измени ќе дигне рака и овој пат, но вчера Елизабета Канческа-Милевска, која стана координатор на новата пратеничка група (седумтемина исклучени од ВМРО-ДПМНЕ плус Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија) рече оти ќе гласаат против.

Рамка: Мицкоски го повикал на средба, траела четири часа

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по информациите дека е сè поизвесно дека Никола Груевски ќе треба да оди на одлежување на двегодишната казна затвор, го повикал својот претходник и разговарале за политичкиот прогон на кој е изложен. Средбата траела четири часа.

„Тој е изложен на политички прогон од власта. Ве молам, за што е тој осуден две години затвор? За ‘мерцедесот’ купен во негово време, во кој се извозил неколку пати, а се возеле и се возат и сега и други. Сите процеси против него се политички прогон. Го судат за шлаканици, а шлаканици немало и да не ги набројувам другите обвиненија, да оставиме судот и времето, се надевам, да покажат дека се работи за политички прогон“, изјави Мицкоски.

Горан Адамовски