Судот во Солун ја одложи расправата за екстрадиција на Грујевски и Бошковски


Советот на обвинители на солунскиот суд ја одложи за 13 декември расправата за барањето на македонските власти за екстрадиција во Македонија на Горан Грујевски и Никола Бошковски, поранешни високи службеници во УБК, по кои имаше распишано меѓународна потерница и беа уапсени во Грција. Одложувањето е поради обврски на нивната одбрана.

Двајцата се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за уништување на опремата за прислушување, во случаите „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.

За први декември, пак, е закажано рочиште против Грујевски и Бошковски за поседување и користење лажни патни исправи.

Поранешниот началник на Петтата управа на МВР, Грујевски, беше фатен кога сакал да ја напушти Грција со бугарски фалсификуван пасош на име Христо Атанасов. Неговиот сопатник Бошковски во фалсификуваните документи се викал Неџби Хасан. Беа приведени на 18 октомври, на аеродромот во Солун.

За македонските власти тие се недостапни од јули годинава, кога Апелацискиот суд им определи мерка притвор.