Судот во Солун до петок треба да се изјасни за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски


Судот во Солун до петок треба да ја соопшти одлуката дали Горан Грујевски и Никола Бошкоски ќе бидат екстрадирани во Македонија.

Поранешниот претседател на Комисијата за заштита од дискриминација, Александар Даштевски, како експерт на предлог на адвокатите на Горан Грујевски и Никола Бошковски, денеска беше сослушан како сведок во Судот во Солун.

– Денеска продолжи со сослушувањето на сведоци. Беше сослушан Даштевски, кој од страна на Судот беше прашуван за правните аспекти на постапката во смисла на меѓународните конвенции и конвенциите за човекови права. Тоа ќе биде и последен сведок во постапката, по што се очекува да биде донесена првостепена одлука, вели Василев.

Од одлуката, како што рече, ќе зависи ќе биде поднесена жалба.

– Ние очекуваме судот да го одбие барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошковски – рече Василев.

За екстрадиции во Грција, одлучува совет, најчесто во тричлен состав, двајца судии и еден обвинител, на јавно рочиште, освен ако не биде доставено специјално барање, сослушувањето да се одржи зад затворени врати.

Освен за екстрадицијата, Грујевски и Бошковски имаат уште два други процеса во Грција, независни еден од друг. Едниот е за фалсификуваните пасоши со кои беа фатени на солунскиот аеродром. Судењето по три одложувања ќе се одржи на 17 мај следната година. Другиот случај е по поднесеното барање за азил на 29 ноември.

Грујевски и Бошковски во меѓувреме остануваат во притвор во близина на Солун.

Грујевски и Бошковски, кои се обвинети од СЈО за предметот „Тврдина и Таргет“, беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври годинава, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.