Судењето за „Титаник 3“ продолжува на 18 октомври


Судењето за предметот на СЈО „Титаник 3“,  во кој се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година „уништувале изборен материјал“, денеска почна од почеток поради промена на судската порота.

На денешното рочиште СЈО и адвокатите на обвинетите ги потврдија претходно изнесените воведни говори, а по изјаснивањето на обвинетите Аљими и Гури дека не чувствуваат вина, судењето продолжи со доказна постапка.

Според СЈО, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и имале криминален нагон да ја фалсификуваат изборната волја на граѓаните на Чаир со цел да остварат политичка моќ.

Адвокатите на Аљими и Гури на претходните рочишта пред Судот кажаа дека со повеќе докази во текот на постапката ќе докажат дека нивните клиенти не се виновни, како и дека во спорниот момент на обвинението немале никаква функција со што би влијаеле да се стори кривичното дело за кое ги обвинува СЈО.

Ново рочиште за „Титаник 3“ ќе се одржи во четврток на 18 октомври кога во Судот ќе сведочат нови сведоци.