Судењето за случајот „27 април“ продолжува на 22 октомври


Во Кривичниот суд на 22 октомври ќе продолжи судењето за случајот „27 април“ на Основното јавно обвинителство во кое се обвинети вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

На денешното рочиште беше испитуван заштитениот сведок С1, кој околу три часа сведочеше пред обвинителството, а останатите речиси шест часа одговараше на вкрстените прашања на одбраната.

Претходно денеска, како што јави МИА, адвокатите на обвинетите, кои вчера беа казнети со по 1.000 евра, поради расправија со судечкиот совет, наведоа дека на денешното рочиште е создадена нејасна „статус кво“ ситуација.

–  Во моментов има нејасна „статус кво“ ситуција во која нема решенија за одземање на правото да ги бранат обвинетите, нуту пак да продолжат да ги бранат, истакна  адвокатот Еленко Миланов.

Во судницата денеска беа присутни обвинетите, адвокатите на обвинетите и адвокатите по службена должност, кои вчера ги назначи Судот по напуштањето на рочиштето на одбраната на обвинетите кои се жалеа дека немаат услови за работа.

Имено, претходно денеска поради надминување на состојбите околу условите за работа, Адвокатската комора на РМ апелираше да се обезбедат потребните услови за нормално одвивање на судскиот процес, а се со цел за непречено и фер судење.

Од Комората посочија дека Група адвокати ангажирани како бранители во предметот КОК БР. 40/18 што се однесува на случувањата од 27 април минатата година во Собранието на РМ,  вчера ја известиле Адвокатската комора на РМ дека на вчерашното рочиште на адвокатите не им биле овозможени елементарни услови да го следат распитот на загрозениот сведок, да можат да водат прибелешки и да поставуваат вкрстени прашања во интерес на лицата кои ги застапуваат.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.