Судењето за „Монструм“ продолжува на 5 јули


Со гледање аудио и видео снимка во судница од испрашувањето на заштитениот сведок Хаки Азири од 7 мај 2012 година од страна на истражен судија и обвинител во Кривичниот суд заврши денешното рочиште за случајот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство. Судењето ќе продолжи на 5-ти и 11 јули кога ќе биде сослушан загрозениот сведок.

Иако изложеното во аудио и видео снимката веќе беше прочитано на претходните расправи за „Монструм“ обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи рече дека ја постигнало својата цел, бидејќи можела од видео снимката да го види начинот на кој се бранел обвинетиот Азири. Од видеоматеријалот се гледа дека Азири во целост го признава делото за кое се товарел и подробно опишува како се случил настанот и каде со неговото возило ги чекал обвинетите за убиството на петте лица кај Смилковско езеро.

Тој првично на 2 мај 2012 година побарал да биде загрозен сведок, но на 7 мај истата година се премислил и поднел жалба до истражниот судија коа му била уважена. Видеоматеријалот е од испрашувањето по уважувањето на жалбата на Азири и е спроведено во присуство на неговиот адвокат Насер Рауфи.

Претходно на прашања од обвинителката Фетаи одговараше сведокот Ахмет Бекир, кој на минатото рочиште додека сведочеше за петкратното убиство кај Смилковако езеро се онесвести. Пред судот тој конфузно раскажуваше за денот на убиството. Рече дека ги видел момчињата попладнето и оти тие од него и од другарите побарале леб за ловење риба.

Тој рече дека кога си заминале околу 19 часот ги виделе момчињата како лежат на стомак, но не застанале бидејќи се исплашиле. Раскажа дека сретнале човек со автоматска пушка, кој откако ги прашал како се викаат им рекол да си одат за да не ги убие. Бекир истакна дека не се сеќава добро во детали, бидејќи тоа било пред повеќе од шест години, како и дека е неписмен и не ги разбира добро дел од прашањата на обвинителката Фетаи.

Пред Судот исказ даваше и сведокот Сашо Лазаревски, сосед на едно од убиените момчиња, кој рече дека дента кога биле убиени момчињата бил по риба кај езерото. Првично отишол без чамец околу 10 часот, но кога тројца рибари кои цела ноќ биле на езерото му рекле дека рибата не гризе се вратил и повторно дошол и го донел неговиот чамец „маестрал“. Кога доаѓал го видел паркирано возилото на неговиот сосед, кој подоцна бил убиен.

Додека бил со чамец во езерото видел како околу 14 часот доаѓа голем сив џип со приколка и бел чамец од кој, како што кажа, мисли дека видел две лица како влегуваат со чамецот во езерото, но по  околу половина час си заминале. Кога си одел накај дома околу 17:20 часот немало рибари, а и рибарите што рибареле претходната ноќ веќе си биле заминати. Забележал само паркирано возило „мерцедес“ од постар тип за кое не се сеќава каква боја било.

На минатото рочиште беа сослушани тројца сведоци, кои на 12 април 2012 година рибареле на Смилковско езеро.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.