Судења за „Титаник 3“ и за „Трезор“


Нови рочишта во Кривичниот суд денеска ќе се одржат за предметите на СЈО „Титаник 3“ и „Трезор“.

Во предметот „Титаник 3“ обвинети се Ејуп Аљими и Исмет Гури, затоа што како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година „уништувале изборен материјал“.

Обвинетите на претходните рочишта кажаа дека го разбираат обвинението што го презентира обвинителката Фатиме Фетаи, но оти не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, двајцата обвинети со своите дејствија влијаеле директно врз изборниот резултат и, како што е наведено, имале криминален нагон да ја фалсификуваат изборната волја на граѓаните на Чаир со цел да остварат политичка моќ.

Адвокатите на Аљими и Гури пред Судот кажаа дека со повеќе докази во текот на постапката ќе докажат оти нивните клиенти не се виновни, како и дека во спорниот момент на обвинението немале никаква функција со што би влијаеле да се стори кривичното дело за кое ги обвинува СЈО.

Минатото рочиште за „Титаник 3“ не се одржа поради задолжително присуство на пратеникот Ејуп Аљими на собраниска седница.

Во Судот денеска треба да се одржи рочиште и за „Трезор“ во кој обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој се наоѓа во Грција.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.