Струмичките улици поплавени пред протестот на ВМРО-ДПМНЕ


Невреме со пороен дожд, проследен со силен ветар и град, за дваесетина минути предизвика поплавување на сообраќајници и на две улици во Струмица.

Локалниот пат од Струмица кон Бања Банско, кој поминува низ центарот на селото Муртино беше под вода. Поради преполните одводни канали водата се излеа во дворовите, а граѓаните на Муртино со пумпи ја испумпуваа.

Освен во Муртино невремето предизвика штети и во селото Сачево. Според информации од жителите има откорнати дрвја, искршени керамиди, а од градот се оштетени пластеници и посевите на отворено.

Штети на посевите има во други населени места во општина Струмица.

Според првичните информации во Струмица поплавена е улицата „Младинска“, а водата предизвикала штети во познатата „Леблебеџиска улица“.

Екипи на ЈПКД „Комуналец“ се на терен и работат на расчистување на поплавените места во градот и населените места.

Во овој град за утре е најавен протестен марш на ВМРО-ДПМНЕ. Договорот со Грција за името е само една од причините што ги наведе опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во повикот до граѓаните за учество на протестот, кој ќе почне од градскиот парк во Струмица, така што протестантите ќе поминат низ неколку локации во централното градско подрачје.