Струга: Писмени млади за социјални медиуми


Во периодот од 15 до 23 јуни, Струга одомаќинува уште една младинска размена. Под работен наслов „Писмени млади за социјални медиуми“ (Social media literate + Safe + Empower + Engage), вкупно 37 претставници на различни организации од шест земји: Македонија, Данска, Унгарија, Финска, Турција и Грција (ќе) дискутираат за потребите и интересите на општествата во однос на подобрувањето на знаењата во врска со писменоста на социјалните медиуми. На младинската размена ќе бидат употребувани методи и техники од неформалното образование, градејќи ги капацитетите на младите да ги користат социјалните медиуми, ефективно, критички и на безбеден начин. Разбирајќи ја улогата на социјалните медиуми во 21 век, учесниците ќе се здобијат со практични способности.

Младинската размена, чиј домаќин е Волонтерски Центар Скопје, ќе биде емитувана онлајн преку дневни новости за медиумските канали. Младите ќе креираат мислења, статии, видеа, слики со цел да се опфатат повеќе луѓе, кои ќе ја добијат информацијата и знаењата за тоа што се медиумите. Учесниците ќе станат писмени и ќе можат ефикасно да ги користат социјалните медиуми во иднина.