Стојанче Ангелов стана национален координатор во Владата


Стојанче Ангелов, поранешниот полициски генерал и лидер на партијата „Достоинство“, ќе биде национален координатор во Владата.

Од Владата соопштија дека Ангелов на денешната владина седница е именуван за национален координатор за прашања поврзани со здружението на бранители.

Пред неполни две недели, осамна информацијата дека тој е ангажиран за советник за воздухопловна техника во М-НАВ, со почетна плата од 41.000 денари.

„Во периодот кога ние во Достоинство размислувавме да излезам надвор од МВР, излезе оглас во М-НАВ на кој се бараа советници и тоа ми привлече внимание, особено затоа што моја страст од младоста ми се летањето и падобранството, па аплицирав на огласот. Јас толку знам. Во М-НАВ ми кажаа дека имале комисија, која како еден од кандидатите ме избрала мене. Многу битен момент е тоа што јас не сум именуван од Владата, гледам дека тоа создава забуна. Најнормално конкурирав, а како и зошто ме избрале, треба да ја прашате комисијата, но сметам дека сум најдобар кандидат од сите пријавени во делот на безбедноста“, рече тогаш Ангелов во интервју за „Независен весник“.

Интервјуто можете да го прочитате овде.