Стојанче Ангелов си оди од МВР, ќе работи во М-НАВ за 41.000 денари


Поранешниот полициски генерал, Стојанче Ангелов ја напушта работата во Министерството за внатрешни работи. Поради, како што вели, неможноста паралелно со работата во полицијата, да се занимава и со политика, одлучил да замине на друго работно место, бидејќи ова било клучен момент за иднината на нашата земја.

Како претседател во оставка на политичката партија Достоинство, во овој исклучително значаен, чувствителен и пресвртен момент за нашата татковина, момент од кој зависи нејзината иднина како единствена држава на Македонците и на сите останати нејзини граѓани, држава за која се борев, држава за која крварев, држава за која се уште се борам, овојпат со политички средства и методи, чувствувам обврска за мое политичко реактивирање. Бидејки Законот за полиција им забранува на полициските службници да раководат со политичка партија, во договор со раководството на ДОСТОИНСТВО одлучив да излезам надвор од МВР и мојата професионална кариера да ја продолжам на друго работно место кое нема да биде во судир со мојот планиран политички ангажман. Му благодарам на министерот Оливер Спасовски за укажаната доверба и соработка во изминатата една година, напиша Ангелов на својата „Фејсбук“ страница.

Тој најави дека на есен, партијата ќе оддржи конгрес за избор на претседател, потпретседатели и членови на раководните тела на партијата и ќе се ажурира членството. Ги повика македонските бранители од 2001 година доколку имаат проблеми од било која област да се јават во централното раководство на „Достоинство“.

Тој се сели во М-НАВ (Македонска навигација), ќе биде стручен советник во државната компанија задолжена за воздушниот сообраќај. Неговата почетна плата изнесува 41.000 денари.