Столтенберг: НАТО ќе го поздрави напредокот на Македонија и ќе ја поддржи Украина


Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО на претстојната дводневна средба ќе го поздрават напредокот на Македонија на патот кон членство во Алијансата и ќе и изразат поддршка на Украина, изјави денеска генералниот секретар на Северноатлантскиот пакт, Јенс Столтенберг.

– Украина не е дел од НАТО, но членките на Пактот ќе продолжат да и пружаат силна политичка поддршка и помош за модернизација на украинската армија, изјави Столтенберг.

Пред денешниот почеток на министерската средба, Столтенберг уште еднаш ја повика Русија да ги ослободи украинските бродови и морнари, што ги задржа на 25 ноември во близина на Крим.

– Решително ги поддржуваме независноста и територијалната целовитост на Украина. Поради агресивните постапки на Русија кон Украина – незаконската анексија на Крим и настаните во Азовското Море – НАТО прогласи највисок степен на својата готовноста од крајот на Студената војна. Тоа е директен одговор на активностите на Русија кон Украина, истакна Столтенберг.

Тој нагласи дека НАТО е загрижен поради развојот на новиот руски ракетен систем и прекршувањето на Договорот за отстранување на ракетите со среден и краток дострел од Европа.

– Потребна е итна, транспарентна и проверлива примена на договорот, додаде генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг нагласи дека министрите на претстојниот состанок ќе и изразат и силна поддршка на Грцуија и ќе ги поддржат напорите за мировни преговори меѓу Владата на Авганистан и талибанците.