Столтенберг: Договорот со Грција е единствен пат до НАТО и меѓународната заедница


Непосредно пред стартот на состанокот на министрите за одбрана на членките на НАТО, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, порача уште еднаш дека Договорот со Грција е единствен пат за влез во оваа и други организации, но дека земјата суверено треба да одлучи дали и како тоа ќе го стори, преку Собрание или предвремени избори.

– Нема алтернативен пат за влез во НАТО без заеднички договорено решение со Грција. Токму поради тоа го поздравив Договорот со Грција и целосно ја поддржувам неговата имплементација, рече Столтенберг.

Тој посочи дека компромисот со Грција и влезот во НАТО ќе биде голема предност за Македонија и за регионот .

-Ќе ја примиме земјата како 30-та членка, но договорот за името мора да биде имплементиран, вели Столтенберг.

Генералниот секретар потсети на бенефитите што ги донело членството во НАТО за Црна Гора.

– Фактот што Црна Гора стана членка беше добро за неа и за стабилноста во регионот, но исто така создаде основа за повеќе инвестиции и економски просперитет. Откако Црна Гора се зачлени, двојно се поголеми инвестициите од сојузниците во оваа земја и се надевам дека ќе можеме да го видиме истиот развој во ПЈРМ, доколку помине Договорот, истакна шефот на Алијансата.