Столтенберг: Груевски не е наша работа


Брисел – Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг оцени денес дека заштитата што му ја дава Унгарија како земја членка на екс премиерот Никола Груевски не е прашање за НАТО туку нешто што треба да го решат Скопје и Будимпешта.

-Не сум јас тој што треба да го коментирам ова.Тоа е прашање што треба да се дискутира меѓу Скопје и Будимпешта, изјави Столтенберг на прес конференција пред министерскиот состанок на НАТО.

Тој најави за утре состанок за Западен Балкан на кој ќе учествува и високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Столтенберг беше охрабрен од гласањето во Парламентот за уставните промени, но дали ќе успее второто двотретинско гласање не сакаше да прејудицира велејќи дека тоа ќе биде наша одлука.

Но, повтори дека штом помине договорот за името веднаш ќе се потпише протоколот за прием и нашите преставници ќе учествуваат на состаноците на НАТО.

Ова е историска можност што се добива еднаш во живот порача Столтенберг.

– На Собранието и властите во Скопје е да донесат одлуки, не можам да гарантирам во име на Скопје. Она што го видовме е дека првото гласање каде беше потребно двотретинско мнозинство помина, дали ќе има двотретинско повторно на последното гласање не е на мене да шпекулирам, она што можам да го кажам е дека штом договорот за името е имплементиран ние сме подготвени да го потпишеме пристапниот протокол – изјави Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање.

Наш специјален извештувач од Брисел

Слободанка Јовановска