Стефан, Борче и Хана ќе добијат од донациите за Валерија


Три деца кои исто така во моментов собираат донации за лекување ќе добијат од парите што се собираат за операцијата на малата Валерија Зафировска од Штип, потврди нејзината мајка за „Независен весник“.

Потребните 40.000 евра за Валерија се собраа рекордно, за 24 час. Бројот на Т-Мобиле е затворен. Акциите во Штип и во други градови, кои веќе се договорени, ќе продолжат до недела. Се она што е повеќе од овие 40.000 евра ќе се распредели подеднакво за Стефан Мелник, кој итно треба да замине на операција на очите, за Борче Јовановски, кој собира донации за трансплантација на коскена срж, и за Хана Миланов од Виница, кај која е откриена леукемија.

Од Фондот за здравствено осигурување најавија дека државата ќе ја покрие операцијата на Валерија, но мора да се испочитуваат процедурите. Утре би требало да биде готово конзилијарното мислење, а в понеделник да биде донесена конечната одлука. Доколку Фондот одобри пари, оние 40.000 евра што се собраа со донации, ќе бидат употребени за радиотерапии и хемотерапии, доколку има потреба од тоа. Ако лекувањето на Валерија заврши само со операцијата, и овие пари семејството ќе ги даде на други деца.

– По прегледот во Турција, кога ни кажаа дека мора да се оперира, првично мислевме да пуштиме апел за 80.000 евра, половина за операцијата, половина за лекувањето потоа. Ни се виде голема сумата и побаравме донации само за операцијата. Не очекувавме дека толку брзо ќе се соберат. Се што е повеќе од сумата за операција, ќе пренамениме за овие три деца. Ако Фондот одобри, и доколку нема потреба од подоцнежно лекување кое исто така би било во Турција, и собраните 40.000 евра ќе ги распределиме за други деца – изјави Марина Зафировска, мајка на Валерија.

Таа очекува до крајот на следната недела да го знаат терминот кога ќе се оперира Валарија. На последната контрола пред десетина дена, д-р Мехмед Озек им рекол дека туморот пораснал 1,5 сантиметри за еден месец и дека имаат уште еден месец пред да почне да ги зафаќа функционалните делови од мозокот.

Симптомите почнале како обична детска мигрена. Девојчето имало кратки главоболки, еднаш во три месеци, во попладневните часови. Биле проследени со гадење, но не и со повраќање. Компјутерката томографија не покажала дека има посериозен проблем. На инсистирање на родителите била направена магнетна резонанца, при што е откриен туморот во мозокот.

С.С.З.