Старата и новата гарда си ги мерат силите, ќе добие ли ВМРО-ДПМНЕ нов претседател?


Датумот 23 декември е резервиран ден за вонредниот конгрес на опозиционата партија ВМРО-ДПМНЕ. Според дел од политичките аналитичари во земјава, моменталниот статут на ВМРО-ДПМНЕ му дозволува на актуелниот претседател Никола Груевски да избере човек „марионета“ кого токму тој ќе го контролира за сѐ што се случува во партијата. Запрашан кој би можел да го наследи на челната позиција, Груевски избегна да одговори дали ќе поддржи некој од кандидатите чии имиња се во игра.

„Во однос на процедурата за избор на претседател на ВМРО-ДПМНЕ на наредниот конгрес, сѐ како и досега ќе биде транспарентно и за сѐ навремено ќе биде известена јавноста“, кусо изјави Груевски.

Во јавноста веќе се појавија имиња кои би можеле да го заменат сегашниот прв човек на партијата и поранешен премиер на Македонија, Никола Груевски. Меѓу редови, сѐ повеќе се споменува можноста Љупчо Георгиевски да се врати на старата позиција, односно да стане повторно претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Но ова мислење не го споделува поранешната пратеничка и сегашен член на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓулистана Марковска. Според неа, членство треба да именува нов лидер, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е пред сериозен предизвик за демократизација на партијата и притоа конгресот не може да се организира според стариот статут, затоа што на тој начин ќе му се овозможи на лидерот да си инсталира свој човек на чело на партијата.


„На ВМРО-ДПМНЕ му претстои сериозно преструктуирање со сериозни промени во Статутот доколку сака да се вброи во демократските европски партии. Досегашната статутарна поставеност му дава апсолутна моќ на лидерот и де факто тој може да ‘назначи’ нов лидер, односно да направи своја ‘замена’, а не демократизација и вистински промени. Без оглед на тоа што јавноста лицитира со имиња, не очекувам внатрепартиска демократска борба, туку само назначување лидер кој ќе владее како што ќе му биде кажано“, изјави Ѓулистана Марковска за „Независен весник“.

На 23 декември ќе се бие жестока битка за тронот на ВМРО-ДПМНЕ и до тој ден ВМРО-ДПМНЕ треба да одлучи дали ќе биде или не демократска партија, вели аналитичарот Петар Арсовски. Тој, како и Марковска, дава мали шанси за враќање на Георгиевски во матичната партија.

„Јас мислам дека битката во ВМРО-ДПМНЕ ќе биде пожестока отколку што беше таа во СДСМ бидејќи традиционално битката кај ВМРО е пожестока. Очекувам дека ќе се разгорат сите апетити и дека тоа нема да помине многу мирно. Мислам дека мали се шансите на Љупчо Георгиевски или на некој отстрана да ја освои оваа функција, и дека се поголеми на некој внатре во партијата. Тука мора да се прашаат и реформаторите бидејќи тие веќе заземаат сериозна квота од делегатите. Поентата е дали ВМРО од ова ќе излезе како помалку или повеќе политички лепрозна. Тоа за нив е најглавната борба“, рече аналитичарот Петар Арсовски за „Независен“.

Најспоменуваниот и најсериозен кандидат за наследник на Груевски, генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски, самиот ја остави отворена можноста да влезе во изборната трка.
„Во моментов сум фокусиран само на тековните партиски активности, воопшто не сум размислувал за тоа дали ќе се кандидирам или не на претстојниот вонреден партиски конгрес. Секогаш постои опција да се кандидирам за претседателското место во ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мицковски.

Дека токму Мицковски е најсериозен кандидат покажува последниот негов потег кога по локалните избори се откажа од советничкото место во Град Скопје со образложение дека целосно ќе се посвети на партиските активности. Но освен Мицковски, не се исклучува ниту можноста првиот човек на партијата да биде избран од „старата гарда“, односно Антонио Милошоски, Илија Димовски и поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски. Како последна опција се спомнува дури и можноста Груевски повторно да биде предложен за старо-нов лидер на партијата.

Блерим Исмаили