Ставрески за прв пат осомничен во истрага на СЈО – на Русите им „подарил“ 33 милиони евра


Поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески за прв пат се најде како осомничен во истрагите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство. Во една од новите истраги со име „Подарок“ тој заедно со поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и Крсте Миладинов, директор на Македонски енергетски ресурси АД Скопје,  се товарат дека ја злоупотребиле службената положба и за руска компанија го оштетиле буџетот за близу 33 милиони евра.

Според истрагата на СЈО, Ставрески и и Јанакиески биле овластени претставници за спроведување на Меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург меѓу Владите на РМ и Руската Федерација за регулирање на обврските на некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон Македонија.

Во преговорите, Ставрески и Јанакиески долгот да се затвори со изградба на магистрален гасовод, делница „Клечовце – Блок станица 5“ за вкупна сума од над 55 милиони евра, при што Русија учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто.

Меѓутоа, претходно, по нарачка на Министерството за транспорт и врски била изготвена Физибилити студија за изградба на гасоводна делница Клечовце – Штип, гасоводна делница која била подолга за речиси 36 км во однос догворената делница  „Клечовце- Блок станица 5“.

Студијата предвидувала изградбата на делницата да чини од 30 до 35 милиони евра, сума за која Ставрески и Јанакиески биле свесни дека реалната цена е многу пониска од договорената цена. Сепак тие целиот руски долг го затвориле со изградба на гасоводот во изведба на компанијата ОАД Стројтрансгас од Москва.

На затворена владина седница, Владата донела заклучок да се прифати понудата на руската компанија и да се потпише конечен договор. Потоа, Собранието го прифатил владиниот предлог и во скратена постапка донело закон за изградба на гасоводот, а од пратениците биле сокриени фактите од Физибилити студијата, според кои, реалната цена е далеку пониска, или, само 378.626 евра ( за еден километар гасовод ).

Осомничениот Крсте Миладинов, како директор на „Македонски енергетски ресурси“ ја прифатил нереално високата цена на услугата од договорот, иако бил запознат со Физибилити студијата, и на 9 јули 2014 во Скопје го склучил договорот со руската компанија. Со ова на руската компанија добила близу 33 милиони евра од буџетот на државата.

„Со една реченица Македонија фактички со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната (реалната ) сума на чинење, а долгот на Русија спрема РМ, фактички останал “ подарок “ за Русија“, велат од СЈО.

Јанакиески, Ставрески и Миладинов се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување.