Ставаме крај на бетонирањето на градот


Неполна година откако стана градски татко, Петре Шилегов се соочува со наталожените, но и новосоздадените проблеми на Скопје. Загадувањето на воздухот, нехигиената, претераната урбанизација, сообраќајниот метеж се вечно актуелни теми во главниот град. Во наследство го доби и античко-барокниот проект „Скопје 2014“, а на негови плеќи паѓа одговорноста да го најде вистинското решение што ќе зачува од прескапите градби. Леснотијата со која се зафаќа Водно продолжува со идејата да се гради гасовод по сртот, па и Шилегов денес е пред предизвик. Јавноста ја очекува неговата одлука, ќе ги брани ли белите дробови на Скопје или ќе попушти во името на „поголемото добро“ ?

Јавноста во изминативе неколку месеци стекна впечаток дека од технички и комунални проблеми немате простор да се занимавате со суштинските работи за развој на градот.

Градоначалникот мора да се занимава со сѐ, од најситните проблеми до креирање на визијата за градот. Јас двете работи ги правам паралелно, тоа е мојата стратегија. Чистењето улици, крпењето дупки, реконструкцијата на сообраќајници се дневни работи, но тука се и моите проекти за изградба на новата, непостојна инфраструктура. За второто треба време, но во тој период не смееме ниту за момент да ги запоставиме дневните потреби на градот и на граѓаните.

Еден од највизионерските проекти што веќе го имплементираме е изградбата на пречистителната станица, фундаментален објект за Скопје, кој ќе треба на градот да му служи во следните 100 години. Истовремено, работиме и на изработка на 16 регулациски планови кои треба до некаде да ја поправат штетата што на Скопје му е направена од урбанистички аспект. Тие се коректив на веќе донесени детални урбанистички планови, кои се закануваат трајно да осакатат делови од градот. Сакаме животот во Скопје да има хуман карактер. Квалитетот на живеење да биде примарен, наспроти маркичките, катноста и бројот на станови, што беше лајтмотив во донесувањето на ДУП-ови во изминатите години. На пример, на потегот од „Александар Палас“ до Карпош 4, каде што веќе се градат две нови згради,  ДУП-от донесен од претходната општинска администрација на Карпош предвидува бетонирање на просторот. Поради тоа, на следната седница на Советот ќе го донесеме регулацискиот план, со кој на Општина Карпош ќе ѝ се наложи околу 60 отсто од парцелите да бидат со зеленило. На потегот ќе мора да има и градинка и училиште, а ќе има и делови во кои целосно ќе се забрани градба и кои ќе мора да останат зеленило. На секој начин гледаме да ги искористиме нашите ингеренции за да го заштитиме просторот. На овој потег, на пример, ќе има најмногу зеленило по глава на жител во целиот град. Ќе го запреме бетонирањето на Скопје, тоа е дел од мојата визија како треба да се развива градот.

Истовремено, привршуваме и со урбанистичката документација за нови сообраќајници со кои сакаме да поттикнеме развој на северниот дел од градот. Со нив празниот простор меѓу Бардовци, Злокуќани и Зајчев Рид ќе добие основни предуслови да се урбанизира и развива. Тело составено од најеминентни професори од Архитектонскиот факултет, од Здружението на архитекти и од Агенцијата за планирање и развој, треба да го понуди најдоброто решение за развој на тој дел од градот. Решение кое нема, како што беше случај досега, да се води првенствено од маркичката како феномен.

Скопје има околу 600.000 жители, што не е многу споредено со европски метрополи, но е безмалку половина од популацијата во земјата. Може ли градот да го издржи постојаниот прилив на луѓе?

Сакале или не, за 30 години од сега овој град ќе има 800.000 жители. Ако не започнеме сега со развој на северниот дел на Скопје, условите за живот од десната страна на Вардар ќе станат неподносливи. Северниот дел од градот е само делумно инфраструктурно развиен, што прави притисок врз јужната страна на Скопје. Така ни се уништија повеќе доброосмислени населби во кои почна да се гради неплански и да се концентрираат огромен број луѓе на мал простор.

Што ќе се случува со „Скопје 2014“, проект во кој се вложија многу пари во барокни фасади и споменици?

За жал, немаме ингеренции кога се во прашање добар дел од објектите и спомениците на „Скопје 2014“. Најмногу од нив се изградени и поставени од Општина Центар или од Министерството за култура. Исклучок се панорамското тркало со мостот и четири споменици, од кои еден, на Ќосето, веќе е дислоциран. Јавноста знае  дека тркалото нема да се гради, а за мостот, според финансискиот трошок за рушење или градење, одлучивме дека треба да се изгради мост, но без фундаментите во коритото и барокните додатоци.

Што се однесува до промената на фасадите, програмата е стопирана, а средствата се пренаменуваат во проекти за енергетска ефикасност на средните училишта и за изградба на мостот на Вардар во Карпош 4. Досега е премногу потрошено на барокните фасади со кои се обезличи градот. Штета што не се мислело да се направат целосно и квалитетно, иако се скапо платени, не се енергетски ефикасни. Направени се само од предната страна, но од задната страна на зградите се гледа целата беда на „Скопје 2014“. Се надевам дека некој мој наследник ќе има средства да се занимава со ова и да го врати стариот лик на Скопје.

 

Дел од кејот „13 Ноември“ денес е улица, иако беше предвидено да се гради подземна. Ќе го оставите ли тоа решение?

Градот Скопје имал зацртано подземна сообраќајница, која требало да биде објект на плоштад со постојната сообраќајна мрежа. Претходната администрација во еден момент ја сменила одлуката и улицата станала надземна, што значи дека ако сакаме да се вратиме на старото решение, ќе мора да си ја изградиме сами, со пари од градскиот буџет, односно од граѓаните на Скопје. Тоа се границите на јавашлакот со кој се соочувам откако ја презедов градоначалничката функција.

Загадувањето е еден од најголемите проблеми во Скопје, имате ли ефикасни решенија?

Хиперактивни сме на тоа поле, особено сега кога никој не зборува за загадувањето. Пролетва засадивме 4.000 дрвја, а есенва ќе продолжиме со уште 8.000 нови. Во „Дрисла“ го решивме прашањето со загадувањето од инсценераторот, работиме на енергетски ефикасни фасади, а  започнавме и постапка за набавка на 40 еколошки автобуси на гас. Целта ни е Градот да ја менаџира и политиката за затоплување на домовите, кога есенва ќе ја започнеме долгонајавуваната гасификација на Скопје. Мислам дека само доколку управувате со системот на енергетска политика, може да направите и стратегија во кој дел од градот и како да се развива топловодната мрежа. Поради тоа сакаме дистрибуцијата и снабдувањето да ги преземеме ние, а производството ќе им остане на лиценцираните производители на топлина. На пример, Топланата „Север“ сега е изолирана, има мрежа што не е поврзана со остатокот од градот, поради тоа што недостасуваат само два километри цевковод. Ако се изградат тие, оваа топлана ќе стане конкурентна, тоа ќе ја намали цената на парното, ќе привлече повеќе потрошувачи, а тоа ќе значи и помало загадување. Тоа што не се изградиле два километри цевковод не значи дека тоа е којзнае каков грандиозен проект, туку значи дека сме немале стратегија и визија.

Можете ли да замислите по сртот на Водно да се гради гасовод? Градот Скопје е одговорен за заштитата на Водно, а за овој случај забележливо молчи.

Се работи за примарната линија на гасоводот, за која наследивме издадена дозвола, според која цевководот се движи таму. Сè уште не е донесено конечното решение за тоа прашање. Постои работна група во која претставник има и Градот Скопје, но и јавноста, преку здруженијата за заштита на животната средина. Треба да знаеме дека и државата има преземени обврски кон Дојче банк како финансиер на проектот. Факт е дека гасификацијата е неопходна за земјава и дека една гасоводна цевка може да заштеди илјадници дрвја кои се сечат за огрев. Но, од друга страна и Водно е бисер на Скопје, за кое во минатото сме покажале голема негрижа. Тука некаде треба да се изнаоѓа решението.

Се забележува дека правите напори за зголемување на хигиената во градот, па сепак останува впечатокот дека Скопје е нечисто. Зошто?

Негрижата за хигиената резултира со фактот дека располагаме со само 28 возила за подигнување смет и само шест цистерни за миење улици. Во програмата на „Комунална хигиена“ стои дека ни се потребни околу 6.000 контејнери, но реално ни требаат 7.000. Имаме само 4.300. Ако ви недостасува 30 отсто од комуналната инфраструктура, луѓето немаат каде да го фрлаат отпадот и тогаш е логично ѓубрето да е по улици. И секако, кога гледаат таква слика, граѓаните си создаваат навика да фрлаат отпад кај што ќе стигнат. И тие контејнери што ги имаме се нефункционални, стојат отворени, а отпадот и се гледа и се чувствува. Во моментов набавуваме сосема поинаков тип поголеми контејнери и соодветен број возила кои ќе ги сервисираат. Летово ќе ги објавиме тендерите, а на почетокот на следната година ќе ги имаме на улица. Скопје и скопјани ја заслужуваат најмодерната комунална опрема, а стандардите и перформансите што ги бараме се за град што сакаме да изгледа светски. Нема магично стапче што одеднаш ќе ја промени состојбата, но работиме постепено да се менува сликата на градот. Во тек е трансформација на системот на „Комунална хигиена“ што во себе ја вклучува и селекцијата на отпадот во домашни услови. Јас би бил најсреќен да можеме веднаш да дојдеме до тој степен, но ќе мора да си дадеме време.

Галиите сè уште се закотвени во Вардар, иако дадовте ветувања дека ќе ги отстраните.

И сега го зборувам истото. И сега сакам да ги тргнам, но сакам тоа да го направам што побезболно за градскиот буџет. Ваков зафат чини 6 милиони евра, од каса што годишно има 50 милиони евра. Се обидуваме да најдеме правни модалитети за тој зафат да чини што помалку пари. Да имаш градежен објект во минор коритото на Вардар е целосно неодговорно.

Како го гледате Скопје за 10 години?

Нема да зборувам за архитектонскиот и естетскиот изглед на Скопје, тоа е субјективно чувство на секој човек. Мене ми е важно градот да биде мултифункционален, да одговара на потребите на луѓето што живеат во него, што во моментов не е случај. Сакаме град со решен јавен транспорт, паметен (смарт) град кој ќе биде во чекор со остатокот на европските метрополи. Во таа насока имаме набавено платформа со која ќе го развиеме порталот Скопје, а репер ни беше порталот на Валенсија, кој е прогласен за најдобар на светот.

Сања Наумовска