Срушен „космосот“ на ДУИ и СДСМ во Дебар


Понеделничкиот ден во Советот на Општина Дебар беше како надреална претстава. Алијансата за Албанците, чиј лидер Зијадин Села за малку смртно ќе страдаше во Собранието од „долгата рака на ВМРО“, склучи советнички пакт токму со ВМРО-ДПМНЕ и Беса и избра в.д. градоначалник од своите редови по смртта на Ружди Љата од ДУИ.

Во изборот на Еуген Цами учествува и Абдија Мерсовски од ПЕИ – партијата на жртвата на претходниот режим Фијат Цаноски и коалициски партнер на СДСМ. И со неговите „два прста“ се руши тамошниот „космос“ на ДУИ и СДСМ – партнерите од владината коалиција кои имаа меѓусебен договор за последните локални избори во одредени општини не видоа потреба да се натпреваруваат секој со свој кандидат. Новото мнозинство има осум советници, а владејачките партии се селат во опозиција со еден помалку. Иако политиката е полна со апсурди, во оваа епизода сите тие бегаат од прашањето дали станува збор за нова непринципиелна коалиција. Прв Мерсовски.

„Јас не знам дали Алијансата за Албанците, Беса и ВМРО-ДПМНЕ имаат направено коалиција, но знам дека јас немам влезено во никаков политички договор“, ни изјави вчера Мерсовски. Тој тврди дека на состанокот на Советот не бил вклучен на „партиското далечинско“.

„Никој од коалицијата не најде за потребно да ме извести кој е ставот и за кого треба да се гласа. Отидов на состанокот неиспочитуван и неинформиран. Затоа гласав по сопствено убедување“, вели Мерсовски.

Имало два предлога. Џокерот на ДУИ бил докторот Дука, а на Алијансата за Албанците пензионерот Цани. Нивниот моментален професионален (не)ангажман бил пресуден во гласањето на Мерсовски.

„Сметав дека докторот Дука треба да остане на своето работно место, да биде со пациентите, а пензионерот Цани привремено во наредните шест месеци да ја преземе градоначалничката функција и со нашата советничка помош во овој период да ги реализира зацртаните планови. Доколку мојата партија смета дека сум погрешил, може да ме санкционира. Но она што треба на сите да им е јасно е дека треба да развиваме политика за граѓаните, а не политика за партиите“, констатира советникот на ПЕИ.

На прашањето дали се крчка нов политички фронт против власта и останатите политички актери, нишаат со главите. Од Алијансата за Албанците, која им даде полна поддршка на затворениците во Идризово кои протестираат со гладување поради тоа што се подготвува ослободување од кривични дела на дел од оние што упаднаа во Собранието на 27 април, тврдат дека немало ниту средби ниту договор на повисоко ниво за превратот во Дебар. Се одело на најдоброто решение – најстариот во советот да ја деполитизира општинската администрација.

„Нормално е да има согласност и соработка за одредени проблеми кои ги мачат граѓаните во општините. Не станува збор за договор на повисоко ниво. Тоа е одлука на советниците во општина Дебар“, вели портпаролот на партијата Флакрон Беџети. Рано било, како што вели, да се разговара за евентуални нови коалиции.

„Алијансата за Албанците е отворена за соработка со сите партии кои ја прифаќаат нашата политичка програма и имаат јасна евроатлантска определба. Исто така, сметаме дека во име на внатрешна кохезија треба да се почитуваат и да се усвојуваат барањата на албанските гласачи, кои уште повеќе ќе ја демократизираат Македонија и ќе ги забрзаат евроатлантските процеси

Убедени сме дека на следните избори ќе ја победиме ДУИ со нејзините погубни политики. На последните локални избори тесна беше разликата меѓу нашиот и нивниот кандидат за градоначалник. Тие на крајот победија благодарејќи на македонските гласови од СДСМ“, вели Беџети.

Последните случувања во Дебар, според политичките набљудувачи, се доказ дека анимозитетот меѓу албанските партии е толку голем што не може во иднина да се исклучат какви било македонско-албански политички комбинаторики, без оглед што ВМРО-ДПМНЕ е прогласена за антиалбански политички субјект со нула коалициски капацитет. Политиката, велат тие, е вештина без јасни правила на игра.

„На терен покажуваме колкав е нашиот коалициски капацитет и меѓу граѓаните Албанци. Наредниот период ќе изградиме економска програма која ќе ги привлече албанските граѓани и ќе престане стигматизацијата на ВМРО-ДПМНЕ како антиалбанска партија. Сè уште е рано да се зборува за можни коалиции, но ставот е дека ќе соработуваме со секој оној што со своите ставови, постапки и програма ќе придонесе за подобар живот на сите граѓани“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Најавувачот на партиско-општинските изборни победи, кој немаше многу работа на последните локални избори, пратеникот Влатко Ѓорчев, упати честитки до новото мнозинство во Советот на Дебар. Според него, развојот на настаните во оваа општина покажува дека расте незадоволството од СДСМ, кој, како што нагласува, доживеал целосен дебакл, и програмски и кадровски, а ја загубил довербата и кај албанските гласачи.

„Тоа е мултиетничка коалиција на луѓе што сакаат да направат нешто добро за Дебар. Албанците се наши комшии и сограѓани, треба заедно работиме да биде подобро за сите“, коментира Ѓорчев.

Владејачките партии, пак, со различна диоптрија гледаат на настаните во Дебар. Гласањето на советниците, според социјалдемократите, е демократско право и нивна законската обврска и само по себе не значи дека се случиле нови политички прегрупирања или коалиции на локално ниво.

„Досега во работата на Советот многу конструктивно учествуваа и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Очекуваме да продолжат да работат како и досега, конструктивно и во интерес на граѓаните“, велат од СДСМ.

Од ДУИ не мислат така. За нив е создадена нова коалиција меѓу, како што оценуваат, малите опозициски албански партии и ВМРО-ДПМНЕ. Од позиција на „чист“ политички субјект порачуваат дека политиката понекогаш ги надминува моралните стандарди.

„Понекогаш ќе мора да ја прифатиме и оваа неморална одлука на малите опозициски партии од албанскиот блок и ВМРО-ДПМНЕ, во смртта на Ружди Љата да го пронајдат сопствениот политички успех. На граѓаните на Дебар сакаме да им порачаме да почекаат неколку месеци кога, по сила на закон, на избори, малите опозициски парти од албанскиот блок заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ја проверат довербата за оваа нивна авантура“, велат од ДУИ.

Наум Котевски