Средба на Могерини со лидерите од регионот


Лидерите од регионот ја гледаат 2018 година како клучна за голем исчекор на сите држави во пристапувањето кон ЕУ, но и за интензивирање на регионалната соработка со максимална поддршка на инструментите на ЕУ за оваа намена, беше речено на вечерашната средба со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини во Брисел.

Ова го напиша премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.

– Најважна новост за државите од Западен Балкан во 2017 година беше најавувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ на претседателот на ЕК Жан Клод Јункер. Токму Стратегијата и нејзините клучни одредници беа главна тема на дискусија. На средбите беше констатирано дека сите држави од Западен Балкан треба да гледаат на оваа Стратегија како на јасен сигнал кон нив за нивната европска перспектива. Секоја од државите од Западен Балкан треба да напредува на патот кон ЕУ врз основа на напредокот кој го покажува во реформите во клучните области, наведува Заев.

Заев заедно со премиерите од земјите од Западен Балкан вечерва во Брисел учествуваше на неформалниот состанок на покана на Могерини.

Стратегијата, која Европската комисија ја подготвува за февруари, а која треба да ги даде насоките за пристапување на Србија и Црна Гора во ЕУ до 2025 година, како и за идните чекори што на патот кон ЕУ ги очекуваат Албанија, Македонија, БиХ и Косово, беше една од темите на состанокот.

На третиот неформален состанок на премиерите со Могерини беше разговарано за актуелните настани во регионот и за перспективите за 2018 година.

Овој неформален состанок претставува продолжување на разговорите на високата претставничка Могерини со балканските лидери од мај годинава, кога таа, исто така, ги собра на неформална работна вечера.