Средба Мицкоски – Бартол: Членството во НАТО цврста определба на ВМРО-ДПМНЕ


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, придружуван од Владимир Ѓорчев и Александар Николоски, остварил денеска средба со делегација на НАТО, предводена од Горазд Бартол, шеф на канцеларијата за врски на Алијансата во Македонија, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

На средбата се разговарало за приоритетите на Македонија за нејзино членство во НАТО, актуелните политички случувања во земјата, како и за реформските процеси.

„Мицкоски, истакна дека стратешка определба на Македонија е полноправно членство во НАТО . Тој посочи дека членството на Македонија во НАТО останува интерес и цврста определба на ВМРО-ДПМНЕ“, се наведува во партиското соопштение.

На средбата Мицкоски го информирал Бартол за, како што се наведува, политичкиот прогон на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија од страна на власта, како и за одлуката за неучество во работата во Собранието сѐ додека не се создадат услови за нормално демократско функционирање на институцијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакнал дека партијата е подготвена да ги поддржи реформските процеси за кои ќе оцени дека се во интерес на државата, но исто така е потребна активност и добра волја од страна на власта преку конкретни чекори со кои ќе ја потврди сериозноста во пристапот за реформските процеси кои треба да се спроведат.Станало збор и за престојната посета на Македонија на Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и за билетералната средба помеѓу него и Мицкоски.