Средба Заев-Јункер: Очекуваме Македонија да стане дел од стратегијата за проширување на ЕУ


Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев денеска во Брисел оствари средба со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер. На средбата премиерот ги искажал очекувањата Македонија да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ најавена за наредната година.

– Сметаме дека имаме доволно добри аргументи за ова наше очекување. Го запознавме претседателот Јункер со тие аргументи, како и со напорите што ги прави новата влада која ја презеде власта по длабока политичка криза која траеше со години – изјавил премиерот Заев по средбата со Јункер.

Како што соопшти прес-службата на Владата, Заев потсетил дека Владата усвои итен реформски План 3-6-9 и дека сите одредници од планот досега, успешно и интензивно се исполнуваат веќе пет месеци.

– Клучни области во кои вложуваме најмногу енергија се оние кои беа утврдени како приоритетни во Извештајот на Високата експертска група на Прибе поддржана од Европската комисија: правосудство, реформа на разузнавачките служби, реформи во јавната администрација и засилување на независните регулаторни тела и медиумите – истакнал премиерот и додал дека во сите овие области направени се важни и крупни чекори за суштински промени.

Според него, главна мотивација е градењето силна доверба на граѓаните во институциите.

– Отпочната е суштинска трансформација на судството, на јавната администрација и јавните услуги. Го забрзуваме економскиот развој во Република Македонија – истакнал премиерот.

Напоменувајќи дека интензивно се работи на подобрување на односите со сите соседи, тој рекол дека има желба и подготвеност со Грција забрзано и заеднички да се работи на мерките за градење доверба, и за решавање на проблемот, под покровителство на Обединетите Нации.

Премиерот изјавил дека домашните реформски иницијативи и активностите наменети за надворешната политика никогаш не биле подинамични и оти ќе се испорачаат резултати затоа што реформите се пред се за наше добро.

Очекува нивно соодветно препознавање и вреднување од европските институции и во таа смисла 2018 година, рече, ја гледаме како клучна за иднината на Македонија, но и на цел Западен Балкан.

– Затоа очекуваме, со право, Република Македонија да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ најавена да биде соопштена наредната година. Очекуваме да добиеме чиста препорака за почеток на пристапните преговори со ЕУ од Европската комисија и евентуален датум за претпристапни преговори на ЕУ со Република Македонија во 2018 година одобрен од Советот на ЕУ – изјавил премиерот Заев.

Оценил дека е време во многу блиска иднина да се направи неопходниот исчекор и Република Македонија, со европски ветер во грбот, да ја заокружи визијата за модерна, економски напредна и респектирана држава.

Службата за информирање од Владата на РМ соопшти дека претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, истакнал дека првата средба со премиерот Заев е само почеток на едно долго и искрено пријателство, и дека Европската Комисија е целосно посветена на подготовката и на спроведувањето на следното проширување на ЕУ, особено кон земјите на Западен Балкан.

– Претседателот на ЕК, Јункер, нагласи дека во напредокот кон точката за отпочнување преговори нема фаворити и дека секоја земја одделно ќе се вреднува според сопствениот прогрес. На прес-конференцијата на која зборуваше и комесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, беше истакнато дека останува и понатаму имплементирањето на точките од Планот 3-6-9, креирани врз основа на преговорите од Пржино и од препораките на групата експерти предводени од Прибе – соопшти владината прес-служба.

На средбата со новинарите било истакнато и дека процесот на преговори за членство на Република Македонија во ЕУ, е процес од национален интерес и дека сите засегнати страни треба да застанат во поддршка на процесот како дел од стратегиските определби на земјата.