Средба Заев-Мета: Македонија и Албанија имаат слични предизвици


Македонија и Албанија се земји со слични предизвици и меѓусебната соработка само ги потврдува пријателските односи, кои уште повеќе ќе се унапредат со зголемување на соработката во економијата, трговијата, развојот на инфраструктурата и енергетиката, порачаа премиерот Зоран Заев и претседателот на Република Албанија Илир Мета, кој е во дводневна посета на Македонија.

Како што информираат од владината прес-служба, Заев нагласил дека средбата ги реафирмира принципите на добрососедство, заемно почитување и реципроцитет, посебно истакнувајќи дека во таа насока во декември во Подградец е договорена и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија.

На средбата Заев и Мета разговарале за Коридорот 8 и за подготвеноста на двете страни за реализација на проекти од областа на патната и железничката инфраструктура, со акцент на важноста и на културната соработка и соработката во образованието и спортот. Посебно била истакната поддршката во областа на туристичката размена.

Заев и Мета се согласиле дека меѓусебното помагање на меѓународен план придонесува за подобрување на условите за економско – трговска соработка и едногласно испратиле порака дека постои простор трговската размена меѓу двете земји да расте и да се развива.

– Градиме едно општество за сите. Се заложивме да не ги делиме граѓаните, сите да имаат исти права и исти обврски и сите делови од нашата држава да се развиваат еднакво, потенцирал премиерот Заев. Тој ја истакнал континуираната поддршка на Албанија за членството на Република Македонија во НАТО и ја потенцирал соработката меѓу двете земји за што поскора интеграција во Европската унија.

Претседателот Мета изразил поддршка за евроатлантските интеграции, со надеж за успех во решавањето на сите отворени прашања. Мета ги подвлекол заложбите на Република Албанија за почитување на културата и идентитетот на малцинските заедници во Албанија.

Премиерот Заев, како што се наведува, нагласи дека очекува припадниците на македонското национално малцинство да ги имаат истите колективни права подеднакво на целата територија на Албанија.

– Претседателот на македонската Влада ја истакна и потребата од реактивирање на работата на Мешовитиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Албанија, соопшти Владата