Средба Заев – Мекej: Подготвени сме за ефикасен пристапен процес во НАТО


Процесот на преговорите по добивањето на поканата во Брисел е дополнителна мотивација за институциите, за сите во јавната администрација и за граѓаните на земјата, за придонес во оваа фаза која не води поблиску до гарантираната безбедност и сигурност во друштвото на земјите членки и сојузници во НАТО, што отвора и перспективи за дополнителен економски развој на нашата земја.

Ова го порача премиерот Зоран Заев на денешната средба со делегацијата на НАТО, предводена од Џејмс Мекej, која е во посета на земјата, со што и официјално беше означен почетокот на претпистапните преговори за влез во Алијансата.

Директорот на евроатлантско и глобално партнерство во одделот за политички и безбедносни прашања во штабот на НАТО Мекej истакна дека неговата посета на земјава има за цел да испрати јасна и силна порака дека Алијансата го означува стартот на пристапните разговори и дека во наредниот период на секои две до три недели, работни групи на НАТО во различен состав ќе ја посетуваат земјата и со националните тимови ќе ги усогласуваат неопходните политики и стандарди до конечното официјализирање на членството на земјата во НАТО.

Шеф на тимот на НАТО за пристапните разговори со Македонија ќе биде помошникот-генерален секретар на Алијансата, амбасадорот Алехандро Алваргонзалес.

Премиерот Заев се осврна на актуелната политичка ситуација во земјата и ја презентираше подготвеноста на земјата со целосна посветеност и подготвеност да го започне пристапниот процес за членство во НАТО откако на НАТО самитот во Брисел земјата ја доби поканата.

Заев денеска ја прими делегацијата на НАТО заедно со Работниот комитет за интеграцијата на Република Македонија во НАТО, со кој претседава тој.

Во состав на Комитетот се министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој на средба беше претставуван од државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за финансии Драган Тевдовски, министерката за правда Рената Дескоска, министерот за јавна администрација и информатичко општество Дамјан Манчевски, националниот координатор на Република Македонија за НАТО Стево Пендаровски, и советникот за национална безбедност во кабинетот на премиерот Зоран Верушевски.

Работниот комитет за интеграција на Република Македонија во НАТО не беше во функција од 2008 година.