Србија и Црна Гора се пред епидемија од мали сипаници


Во Србија се создадени услуви да се прогласи епидемија од моррбили (мали сипаници) откако за три месеци, од вирусот заболеа околу 1.900 лица и имаше три смртни случаи.

Тамошните лекари изјавуваат дека причина за прогласување на епидемијата е тоа што бројката надминала 1.500 заболени лица. Велат дека мерката засега се избегнува поради материјални причини, бидејќи кога ќе се прогласи епидемија на ниво на цела држава, борбата против морбилите се крева на ниво на приоритет. Прогласувањето епидемија подразбира и забрана за масовни собири, затворање училишта и градинки…

Здравствените власти во Црна Гора стравуваат дека вирусот од Србија почнал да се шири и кон Црна Гора. Во Котор се регистрирани двајца заболени, кои се заразиле во Белград. Сите нивни блиски и лицата со кои контактирале се ставени под засилен епидемиолошки надзор. -Врз основа на собраните податоци, многу е можно дека ќе дојде до епидемија. На таа можност досега повеќе пати укажувавме, и ние ид Институтот и од други здравствени установи. Со оглед на бројот на идентификувани контакти, можно е, но нужно не значи дека ќе дојде до масовно епидемиско ширење на вирусот – соопштија од Институтот за јавно здравје на Црна Гора.

Во Македонија досега се регистрирани три случаи на морбили. Станува збор за шестмесечно бебе, возрасен маж, а последниот случај е 5-годишно дете кое е роднина на претходно заболените. Државниот санитарен и здравствен инспекторат испратил решенија до сите средни и основни училишта за преземање мерки за темелно чистење и за дезинфекција на училишните простории, обезбедување средства за лична хигиена (течен сапун), како и редовно следење на отсутноста на децата од настава.

За да се заштити населението е потребен опфат на вакцинација над 95 отсто, како што препорачува Светската здравствена организација. Во 2016 година, последната за која има податоци, во Македонија опфатот за оваа вакцина (ММР) бил 82 отсто. Таа е една од вакцините што родителите често одбиваат да им ја стават на децата. Од Институтот за јавно здравје велат дека за целосна заштита, потребна е вакцинација и тоа со две дози. Едната вакцина се става со навршени 12 месеци, а втората на шест години, кога децата тргнуваат во училиште.