Срамни услови на гробиштата во Тетово


Тетово – Веќе 11. година по ред голем дел од граѓаните од православна вероисповед од Тетово се погребуваат во недостојни услови. Новите градски православни гробишта кај селото Фалише и по повеќе од една деценија сè уште не се уредени. Површината е обрасната во трева и трње, нема ниту еден затворен објект, ниту пак натстрешница, каде што најблиските на починатите би можеле да ја раздаваат храната за душа на покојникот. Локацијата не е целосно оградена, па несовесни граѓани фрлаат ѓубре.

Граѓаните чиишто роднини се погребени тука револтирано раскажуваат дека, и покрај многуте апели, надлежните не преземаат никакви мерки. „Оваа локација треба да биде уредена, а сега изгледа како запуштена ливада. Општината очигледно не води грижа ниту за живите ниту за мртвите лица“, рече една жена чиј сопруг е погребен на новите градски православни гробишта.

Со градските гробишта стопанисува Јавното комунално претпријатие „Тетово“. Во 2007 година ја избра новата локација, затоа што на старите градски гробишта во тетовската населба Поток немаше празни гробни места. Поради катастрофалните услови со гробиштата кај Фалише, дел од верниците одбиваат тука да ги погребуваат своите најблиски. Нивната мака подолг период почна да се злоупотребува од одредени лица кои им ги продаваат своите гробни места на старите гробишта и по цена која достигнува и до 5.000 евра. Најчесто гробните места се продаваат од тетовци кои се отселени или имаат по неколку гробни места.

Од комуналното претпријатие велат дека ваквата појава  е незаконска, но не можат ништо да преземат, затоа што препродавачите вешто знаат да најдат дупка во законот.

„Сето ова се прави на незаконски начин, затоа што со гробиштата стопанисува ЈКП, а тетовци за нив плаќаат само закуп. Гробовите не смеат да се продаваат, но граѓаните манипулираат и наместо продажба, во нотарскиот акт заведуваат дека се подарува, што според нашите правила е дозволено“, вели Гоце Новески, раководител на православните гробишта во Тетово.

Од претпријатието додаваат дека немаат доволно финансии да се грижат за гробиштата. Сè е во рацете на општината, ако таа одлучи да издвои пари, тогаш местото би било уредено и достојно за погреб, велат оттаму.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, веќе неколку години дава празни ветувања дека местото ќе се уреди, односно ќе се изврши дренажа, ќе се изгради некој придружен објект, тоалет и слично. Но од ветеното нема ништо реализирано на терен. Последното ветување го даде есента минатата година, но сега општинските власти молчат и не даваат никакво објаснување, зошто ништо не се презема.

На вечното почивалиште кај тетовско Фалише нема ниту верски објект, местото не е осветено од тетовското архијерејско намесништво. Верниците велат дека свештениците само ги интересира наплатата за погребите, но не и каде ги погребуваат своите верници.

„Поповите само сакаат пари. Тука ќе извршат мал обред на местово кое е како запуштена ливада. Ги прашуваме зошто вие не преземате ништо, ваша обврска е да изградите барем мала црквичка, а тие само креваат раменици“, рече една верничка.

Од тетовското архијерејско намесништво не даваат многу објаснување за лошата состојба на гробиштата. Само кусо коментираат дека засега не планираат да градат верски објект на ова место.

На новата локација на православните гробишта кај Фалише, досега се погребени над 100 лица. Според првичниот проект кој  е реализиран само на хартија, местото е предвидено за 2600 гробни места.

Зоран Димовски