СПЦ: Шизматици од Поранешната Југословенска Република Македонија


Српската Православна Црква и Бугарската Православна Црква размениле писмена комуникација за иницијативата на МПЦ-ОА, да побара признавање на нејзината автокефалност од страна БПЦ-ОА.

„Религија.мк“ од извори во Српската Патријаршија го доби писмото одговор што Српскиот Патријарх Иринеј му го испратил на Бугарскиот Патријарх Неофит.

Писмото почнува токму со моментот дека СПЦ со голема запрепастеност го примила писмо од  14 Декември 2017 година, во кое Синод на Бугарската Православна Црква ги информирал српските владици за преземената иницијатива.

Во ова писмо, кое ексклузивно го објавува „Религија.мк“, српскиот патријарх Иринеј користи навредувачки термини кон МПЦ-ОА и може многу лесно да се прочита односот што српските архиереи го имаат кон македонските владици и МПЦ-ОА, но и кон државата, користејќи го името БЈРМ.

Но истовремено преку ова писмо Патријархот Иринеј отворено му се заканува на Бугарскиот патријарх Неофит дека преземените чекори на БПЦ можат да се одразат негативно на меѓусебните односи.

-Ние бевме не помалку изненадени од одлуката на Вашиот Свет Синод дека Бугарскиот Патријарх е „потполно свесен за својата света должност“ бидејќи „Македонската Православна Црква ја признава Бугарската Православна Црква – Бугарска Патријаршија за своја Мајка Црква“.  Не се сомневаме во искреноста на Вашата изјава дека „Бугарската Патријаршија никогаш не била рамнодушна кон страдањата на Македонската Православна Црква“, туку на сличен начин, следејќи ја нашата сопствена совест за пасторска грижа и должност кон Црквата Божја, ние треба да Ви напоменеме дека сте избрале неканонски начин за лекување на страшната рана на Телото Христово со мешање во внатрешните работи на една сестринска помесна Црква – Српската Православна Црква, и со нарушување на сеправославниот консензус во врска со скопската шизма, а консензус со кој и вие сте согласни повеќе од половина век. Замислете како би се чувствувале Вие и како би реаиграле доколку некој Помесни Православни Цркви, меѓу кои и Српската Православна Црква, во време на голема криза поради шизма во Вашата Црква, одлучи, без да ја праша Вашата Црква и без да ја почитува Вашата канонска јуриздикција, да изјави дека се чувствува повикана да им помогне на Бугарските шизматици да добијат, без покајание и без никакво преиспитување на нивното шизматичко „Кредо“, на нивниот нормален канонски статус, и дека има право да „посредува“ врз основа на фактот дека шизматската организација е спремна да признае една од Православните Цркви – на пример Српската Православна Црква, за своја Мајка Црква (како мајките да можат да се бираат!)?, стои во писмото до кое дојде „Религија.мк“.

Во продолжение на писмото, Српскиот патријарх ја раскажува приказната на СПЦ за црковниот спор во Македонија, нарекувајќи го случајот „шизма на Православната Црква во Македонија,  предизвикана од принуда и одлука на комунистичката власт“, за подоцна во истото писмо СПЦ ја ословува Македонија како БЈРМ, одговарајќи и на БПЦ дека СПЦ била Мајка Црква во случајот.

-Мајчинската грижа на Српската Православна Црква, љубовта кон добриот и побожен верен народ на Поранешната Југословенска Република Македонија, се гледа во долгогодишните напори да се надмине шизмата и да се воспостави поворно посакуваното Црковно единство. Постигнатото решение – договорот од Ниш од 17 Мај 2002 година – чии потписници беа Македонските епископи: Митрополитот Пелагониско Битолски Петар, Дебарско Кичевски Тимотеј и Струмички Наум а од страна на Српската Православна Црква Црногорскиот Митрополит Амфилохиј, и Бачкиот Иринеј, Враненскиот Пахомиј и јас самиот, како Еписоп на Ниш во тоа време, гарантираше најширока автономија на Православната Црква во ФИРОМ, оставајќи ја „конечната одлука за идниот сеправославен собор на полнотата на Црквата во Светиот Дух според прифатениот канонски ред на Православната Црква“. Шизматиците, под притисок на политичките фактори во ФИРОМ го отфрлија потпишаниот договор, стои во писмото на Српскиот патријарх до Бугарскиот.

-Ваша Светост би сакале со ова да Ве предупредиме дека подршката на Бугарската Православна Црква за шизматиците од Поранешната Југословенска Република Македонија, под изговор дека тие се обраќаат на Бугарската Патријаршија како на „своја Мајка Црква“, може само да им наштети на односите на нашите две сестрински Цркви и на единството на Православната екумена воопшто. Затоа бараме од Вас да ја повлечете одлуката на Светиот Синод на Вашата Црква, за да не го принудите Светото Собрание на епископи на нашата помесна Црква да донесе одлука која би имала невидени последици за идните односи на нашите две Цркви. Со надеж дека Вие, со полна свест за Вашата одговорност, ќе ја повлечете некаонската одлука Ви посакуваме секакво добро од Воскреснатиот Господ. Ви приложуваме кратка анализа на Вашата неблагословена иницијатива од црковна и канонска гледна точка, стои како заклучок во писмото, испратено на 17 април, 2018 година, пишува „религија.мк“.