Според Николоски, реформите се поприоритетни од името за влез во НАТО


Прво спроведувањето на реформите, а потоа решавањето на спорот за името е редоследот на приоритети за влез на земјава во НАТО и во ЕУ, според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски. Во интервју за Радио Слободна Европа, тој вели дека може да се постигне многу подобра договор со Грција од тој што го постигна актуелната влада.

На прашање како ќе се напредува кон евроатлантските структури ако не се реши проблемот со Грција, со оглед на тоа што по самитот на Букурешт во 2008 година е јасно дека нема напредок без решен спор за името, Николоски вели дека првиот пилар се реформите, а вториот името.

– Првиот пилар се реформите кои мора да се прават, вториот е спорот за името. Јас сум апсолутно убеден дека може да се постигне подобар договор од овој со Грција. И сум апсолутно убеден дека да имаше Владата поинаква преговарачка позиција, можам и да ја објаснам во кое делови, дека ќе имаше подобар договор. Прво, не може да дозволите грчката страна да ангажира 60 меѓународни експерти, пред сè адвокати по меѓународно право и експерти по меѓународно право, вие да не ангажирате ниту еден и на крај да ангажирате еден. Не може да одите јавно со тактиките со кои ќе одите во преговорите и да ги знае другата страна, не може да менувате ставови секој месец и најбитно, не може да очекувате да постигнете договор и да очекувате тој договор да ви донесе покривање на политичките проблеми дома, затоа што во такви услови другата страна, а да не ја потценуваме грчката дипломатија е многу силна, ни ги знае сите слаби страни и тука удира. Сметам дека можеме да седнеме и да го преговараме договорот, затоа што сметам дека е и во интерес на Грција да се реши ова прашање и не можам да се согласам дека Грците немаат никаков интерес да се реши ова прашање и можеме да постигнеме апсолутно подобар договор, договор кој нема да значи промена на Уставот на Македонија, вели Николоски.