СПМ: Авировиќ не е наш претставник во новоформираната пратеничка група


Раководството на СПМ е изненадено од одржаната прес-конференција на пратеничката Владанка Авировиќ за дадената изјава дека е претставник на СПМ во издвоената пратеничка група, се вели во соопштението на Социјалистичката партија на Македонија.

„Голем број членови сето тоа го прифатија со изненадување и негодување. Никој ниту е делегиран ниту е испратен од СПМ во таа група пратеници да ја претставува СПМ. Колку и да сакаме да го разбереме нејзиното присуство во таа пратеничка група заради незамисливата, неправедна правно несватлива пресуда на нејзиниот син, поврзан со процесираниот предмет, реализираната обврска по доделениот јавен оглас (РЕК Битола??). Нејзиниот став се коси со ставовите на СПМ“, наведуваат од партијата.

Од СПМ велат дека сметаат оти нејзиниот син е невин и заради неговата чесност, образованост и стручност е ставен на тапет од политички причини за уцена на неговата мајка.

„Меѓутоа, и покрај тоа што сакаме да ја разбереме нејзината болка, тага и загриженост за своето дете, недозволено е да шири невистини дека е испратена од партијата како претставник во некаква си пратеничка независна група. Позициите на СПМ за склучениот договор со Грција се познати од самиот почеток на овој процес, па до ден денес. Тие се пласирани во јавноста преку нашите прес-конференции, соопштенија и објавени. СПМ ќе води постапка за дисциплинска одговорност за неодговорната изјава на пратеничката Владанка Авировиќ и таа ќе се води согласно Статутот на Партијата“, нагласуваат од партијата