Спасовски: Груевски не му побегна на МВР


Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека бегството на експремиерот Никола Груевски не е вина на МВР, туку се работи за пропусти во системот и тоа отвора дополнителни прашања.

Спасовски ова го изјави вечерва во телевизиската емисија „Лица“ на 1ТВ.

Тој зборуваше и за времето кога претседателот на СДСМ и сегашен премиер Зоран Заев ги добил таканаречените „бомби“ и како подготвувале стратегија за тие да ѝ се пласираат на јавноста, но да не направат пропусти.

– Сега веќе знаеме кои луѓе ги изнесоа тие материјали. Но, тогаш знаевме многу тесен круг на луѓе за тоа што доби и што поседува Заев. Бевме внимателни и не разговаравме многу во детали за материјалите, но зборвуавме за тоа како да ги пласираме. Внимателно размислувавме за „бомбите“ и од нив да ѝ биде обелоденето на јавноста она што е јавен интерес – рече Спасовски.

Тој додаде дека многу непријатно се чувствувале кога ги преслушувале разговорите во кои тие самите се прислушувани.

– Кога зборуваме за порази или за победи во политичката кариера, ги имало и двете во мојот случај. Но најважно е да се извлече поука. Но, како најголем пораз, не само за мене, туку за државата, го сметам 11 годишното владеење на Груевски.

Спасовски беше запрашан и за неколкуте случаи кои се случија во текот на неговиов мандат, а јавноста сè уште нема одговори. На пример, за убиството на Никола Саздовски, случајот со полијацката и пајакот и слично.

Тој одговори дека за сите пријавени случаи редовно известуваат во дневните билтени на МВР и ниту еден случај не го кријат. Но, рече дека најважна им е транспарентноста и професионалното водење на постапките.

Запрашан дали во некој период од животот добивал закани поради функциите кои ги извршува, тој рече дека се случувало и секојдневно да му се закануваат нему или на членови од неговото семејство.

На прашањето дали има амбиции да се кандидира за претседател на државата тој одговори:

– Во овој период со љубов ја работам мојата работа. Сега не е момент за да размислувам во тој правец. Но, можеби кога ќе дојде време, ќе размислувам за тоа – рече Спасовски.