Со измените во законикот се заобиколува Комисијата на Димовски


Со измените во Изборниот законик што ги предлага владата, како што дознаваме, се брише ставот три во членот 27 според кој селекцијата на кандидатите за членови на ДИК ја прави Комисијата за избори и именувања.
И покрај истечените рокови, оваа Комисија не се состана досега за да направи селекција од 41 кандидат колку што се јавија на конкурсот за ДИК, што го распиша Собранието. На чело на Комисијата за избори и именувања е поранешниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски.
„Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието подготвува предлог листа од пријавените кандидати и ја доставува до Собранието“. Вака гласи ставот три од членот 27 што сега се брише од Изборниот законик.
Според наши информации, се интервенира и во ставот четири каде што е наведено дека од кандидатите на предлог листата политичките партии на власт и во опозиција даваат свои предлози за членови на комисијата…
Со оглед на тоа што, како што објавивме, законските измени се пуштени во парламентот со европско знаме, законот би требало да се разгледува во Комисијата за европски прашања што ја предводи Артан Груби од ДУИ, каде што расправата би траела максимум два дена. Потоа се очекува измените во Изборниот законик да бидат донесени по скратена постапка на пленарна седница.
ВМРО-ДПМНЕ, во последните денови, го условува изборот на новиот состав на ДИК со закон за финансирање на политички партии и со техничка влада пред парламентарни избори.