Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица- Жената психолог ги урна сите табуа


Сите општини лево од реката Вардар имаат свои „татковци“ на нивно чело, само „машкото место“, како што со децении се нарекува рударска Македонска Каменица, има „мајка“. Тоа е Соња Стаменкова, дипломиран психолог, жена која сруши две големи табуа на ова подрачје. Првото табу беше дека на ова подрачје нема шанси жена да биде избрана за градоначалник, зашто такво нешто историјата на овој крај не го памети од ослободувањето по Втората светска војна до денес. Второто мислење беше дека во Македонска Каменица, каде што 21 година владееше ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите немаат никакви шанси да дадат градоначалник. Со Стаменковска (50) разговараме за нејзиното седуммесечно искуство како „мајка“ на една рударска општина.

 Има ли „чудо“ во вашата приказна?

Кога веќе ми поставувате такво прашање, ќе речам дека чудо нема, но граѓаните не мислат така зашто од најголем дел од жителите на општината, а и во регионот, мојата победа и победата на СДСМ во една општина која се сметаше за вмровски бастион се доживеани како чудо. Без оглед на фактот што многумина веруваа дека расплетот на политичката приказна во нашата општина ќе биде баш таков каков што и се случи. Јас лично бев со голем оптимизам, зашто по професија сум дипломиран психолог, триесет години работев во приватна здравствена ординација и од таа позиција имав секојдневни контакти со голем број луѓе. Секој ден ги слушав нивните приказни, надежи и очекувања, па кога станав кандидат за градоначалник многумина ме охрабруваа дека моите шанси за победа се најголеми. Се разбира, сега на мене и на мојот тим е таа капитална доверба капитално и да ја оправдаме.

Седум месеци сте на најважната функција во општина која има околу 8.000 жители и еден од најголемите стопански капацитети во државата, рудникот за олово и цинк „Саса“. Имавте ли проблеми во функционирањето само затоа што сте жена?

Не. Тоа што сум прва и засега единствена жена градоначалник не се покажа ниту како предноста ниту како хендикеп. Секојдневно упорно со тимот работиме на идејата за остварување подобар живот за сите во општината. Заедно со останатите градоначалници од источниот регион подеднакво сме посветени на промена на сликата за македонскиот исток како еден од најнеразвиените во државата. Нашиот крај има огромен потенцијал кој мора да се искористи.

Што е тоа што ви го олеснува извршувањето на функцијата, а што е тоа што ви ја отежнува работата?

Добро е тоа што како општина имаме стабилен буџет кој ни овозможува реализација на проектите што ги ветивме пред изборите. Ние сме блиску до границата со Бугарија, таа позиција ни дава можност да аплицираме со повеќе проекти од ИПА програмата за прекугранична соработка во партнерство со бугарската општина Белица. Во меѓувреме, обезбедивме и донација за два проекти кои ќе бидат реализирани најдоцна до 28 август, односно за Денот на општината и на рударите. За отежнителни околности не сакам да зборувам, зашто кога се нафатив да ја работам оваа работа реков дека зборот „тешко“ не го прифаќам во мојот речник.

Стопанството ви се потпира на рудникот „Саса“, имате ли квалитетна соработка со менаџерскиот тим, ја помага ли рудникот општината?

Со првите луѓе на рудникот имаме соработка која би ја посакал секој градоначалник. Без оглед на тоа кој е на челната менаџерска позиција таму. Со рудникот редовно работиме на заеднички проекти од интерес за локалната заедница. „Саса“ е нашиот најважен партнер со силно изградена политика во однос на општествената одговорност и во градењето подобар живот за сите во Македонска Каменица. Но ние својот развој не го темелиме само на рудникот. Имаме индустриска зона за која е подготвена комплетна документација. Таму веќе се продадени неколку парцели за изградба на стопански капацитети. Општинската администрација работи и на изнаоѓање решенија за поддршка и развој на малото и средното стопанство. Туризмот, исто така, е сериозна алтернатива со оглед на тоа дека Македонска Каменица има огромен но, за жал, неискористен потенцијал.

Младите заминуваат и од Македонска Каменица. Правите ли нешто тие да се вратат дома?

Точно е дека Македонска Каменица, како и повеќето македонски општини, се соочува со проблем со иселување на младите. За да се спречи овој тренд, подготвуваме програми за поддршка на бизнис-идеите на младите луѓе, а инвестираме и во подобрување на сите останати сфери, култура, спорт. Ги уверувам жителите на нашата општина дека уште во овој мој мандат ќе создадеме услови за младите да остануваат тука.

Иван Бојаџиски