Сочувство од претседателот Иванов по повод смртта на Љубиша Георгиевски


Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов упати сочувство по повод смртта на Љубиша Георгиевски.

Со голема тага ја примив веста за смртта на нашиот режисер, писател и професор Љубиша Георгиевски. Иако немам соодветни зборови кои можат да ја опишат големината на загубата, дозволете во овие тажни мигови да изразам најискрено и најдлабоко сочувство на неговото семејство и на целата македонска јавност. Со смртта на Љубиша Георгиевски загубивме голем интелектуалец, уметник и патриот. Со своето уметничко дело остави неизбришлива трага во македонскиот театар и филм инаугурирајќи се во креативен и мислечки бард на македонската уметност и култура. Зад него останаа повеќе од 160 театарски претстави и неколку играни филмови кои ја издржаа критиката на времето. Љубиша Георгиевски со својата луцидност, творечка храброст и човечка доблест беше наша гордост и инспирација, се наведува во телеграмата со сочувство.

Воедно се додава, дека во текот на исклучително богатата политичка и дипломатска кариера мошне одговорно и креативно ги одигра своите улоги на претседател на Собранието и амбасадор во Софија и во Белград каде ревносно ги бранеше државните интереси на Република Македонија, а како член на неговиот Совет за меѓународни односи, се наведува, тој даваше мудри совети и промислувања за клучните прашања за Република Македонија.

-И преку својот уметнички и преку општествениот ангажман до крајот на својот живот, Георгиевски се бореше за македонската кауза останувајќи верен на своите вредности, ставови и убедувања.Вечно ќе сме благодарни за сè што направи за Република Македонија и за наследството кое ни го остави и кое ќе остане патоказ и светлина за идните генерации. Вечна му слава и нека почива во мир, стои во изразите на сочувство од претседателот Иванов.