Социјалистичка партија: Притворањето на поранешните министри нарачан процес


Македонската јавност вчера беше сведок на уште едно медиумски експонирано притварање на двајца поранешни министри за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои се од редовите на Социјалистичката партија на Македонија. Истовремено се бара  притвор за уште еден поранешен министер и актуелен пратеник, исто така од редовите на Социјалистичката партија на Македонија, велат од партијата.

Овие спектакуларни апсења, според нив, на поранешни министри се со цел да актуелната власт ја дефокусира јавноста од сите скандали кои секојдневно ја потресуваат Македонија. „Ова е уште еден нарачан, политички мотивиран процес без никакви докази со омиленото кривично дело на власта, Злоупотреба на службената положба. Обвинителството го темели обвинението на наводното нераскинување на договори за закуп на земјоделско земјиште поради неплаќање на закупнина, а за што наводно дирекно се одговорни поранешните министри. Меѓутоа вистината е спротивна и јавноста го знае тоа, сведоци сме дека во периодот од 2006, па до денес, склучени се повеќе илјади договори со земјоделци за закуп на земјоделско земјиште. При тоа договорите се склучувани во транспарентна постапка, согласно со законските одредби. Кај договорите за закуп, согласно Законот за земјоделско земјиште, важат одредбите од Законот за облигациони односи, како lex generalis“, велат од СП.

Според ова, велат, сите ќе се согласиме дека е невозможно министер постојано и самостојно да следи наплата на закупнина на илјадници договори, да поднесува писмени опомени, и писмено да ги известува земјоделците за едностраното раскинување на договорот за закуп.

„Како партија, убедени сме во невиноста на поранешните министри од нашите редови и сметаме дека истата ќе ја докажат во фер и транспарентна постапка„, велат од СП