Сопругата на Макрадули добила тендери за 90.000 евра, тој смета дека нема конфликт на интереси


Фирма каде еден од сопствениците е Маја Трендафилова Макрадули, сопругата на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, добила девет тендери вредни околу 90 илјади евра во периодот додека тој ја извршува функцијата во министерството за животна средина. Станува збор за фирмата „Опен мајнд солушнс“ каде Трендафилова има 25 отсто сопственички удел.

Заменик министерот Макрадули вели дека нема ништо спорно во тендерите и работењето на фирмата на неговата сопруга. Тој тврди дека оваа фирма добивала тендери и во 2010 и 2013 година за инсталирање на софтвери и додава дека министерството во кое тој работи не соработувало со оваа фирма и поради тоа нема конфликт на интереси.

Не станува збор за судир на интерес, не сум прекршил никаков закон ,некој што сака мене да ме оцрни злопотребува чесни луѓе кои работат 30 години, вели  Јани Макрадули.

Демант стигна и од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност која во март минатата година склучила договор со „Опен мајнд солушнс“ вреден 263 илјади денари.

„Потпишувањето на договорот со ’Опен мајд солушнс ДООЕЛ-Скопје’ е согласно законот за јавни набавки, бидејќи истата ги ужива авторските права, воедно сакаме да ве известиме дека првично договорот со посоченото правно лице е склучен во 2009 година, кога директорката Лидија Димова не беше на раководната позиција во агенцијата туку ја продолжи веќе воспоставената соработката со претходен договор од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“, се истакнува во реакцијата.

Универзитетскиот професор Мирјана Најчевска вели дека роднините на функционерите не смеат да бенифицираат од нивните функции.