Судењето за „Триста“ се одложи, Фетаи не се откажува


„Ако некој сторил кривично дело ќе го гонам, па дури и ако е  на смртна постела“, рече специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, откако обвинетиот Ѓоко Поповски, поранешен помошник-министер во МВР не се појави на денешното судско рочиште по предметот „Триста“.

Судењето е одложено за 21 ноември, а Фетаи рече дека не и верува на одбраната,  која, пак, тврдеше дека лекарите му препорачале на Поповски да мирува.

„Тој е обвинет, против него има постапка и тоа што е на боледување не значи дека не треба да се појавува на судските рочишта. Од ништо не произлегува дека тој е спречен да присуствува на денешното рочиште“, рече Фетаи.

Адвокатот на Поповски побара од судијката Лидија Петровска да забележи дека обвинителката бара да му се суди на човек и со отворено боледување.

 

СЈО го опрезентираше случајот „Триста“ во март годинава, кога беше посочено дека станува збор за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а во врска со јавна набавка на 300 возила.