Собранието ќе расправа за одземање на имунитетот на шест пратеници


Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 25. седница на чиј дневен ред е одлука за  имунитетот на шестмината пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ поради притвор за насилните настани на 27 април во Парламентот. За симнување на имунитетот потребно е просто мнозинство односно 61 глас.

Со ова ќе заврши постапката предвидена со Деловникот на Собранието и Уставот за симнување на пратеничкиот имунитет на Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски.

И доколку Собранието им го симне имунитетот на пратениците, тие, според македонската легислатива и Уставот, ќе останат на пратеничката функција се додека евентуалната пресуда на Кривичниот суд не стане правосилна и ако пратеникот е осуден за кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Заседанието на Парламентот за симнување на имунитетот, спикерот Талат Џафери го закажа откако вчера Комисијата за деловничко и мандатно – имунитетни прашања со поединечно гласање одлучи да им го симне имунитетот на шестмината пратеници. На седницата присуствуваа пратениците од СДСМ, како и неколкумина од ДУИ и Беса. Народните избраници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како и пратениците за чиј имунитет се расправаше иако поканети не присуствуваа на седницата.

Единствен кој се обрати на седницата беше пратеникот Александар Кирацовски од СДСМ, кој кусо оцени дека настаните од 27 април биле напад врз демократијата и уставниот поредок на земјата и обид за загрозување на животот на пратениците од тогашната опозиција. Институциите на Република Македонија, според него, имаат целосен кредибилитет, должност и одговорност до крај да го расчистат овој случај за правдата конечно да излезе на виделина и кривичните дела од ваков карактер никогаш да не се повторат. Ситуацијата, додаде тој, е многу чиста, фактите се очигледни, аргументите се поголеми од сите нас.

– Лично уште кога се избираше Владата на Република Македонија им простив на нашите колеги пратеници, на сите оние што учествуваа на овој настан, затоа што човечки е да се прости, затоа што ни самите тие не биле свесни во каква игра биле ставени и што се можеше да се случи, но видов дека и тие никогаш нема да простат на оној кој им дал наредба да се впуштат во нешто од кое ќе се срамат и ќе се каат целиот свој живот, истакна пратеникот од СДСМ.

Кога сме исправени пред една ваква одлука, кажа Кирацовски, треба да бидеме свесни дека ние сме пратеници, обични луѓе и не смееме да се носиме над законот и да се ставаме во улога на судии и обвинители. Кои сме ние денес да попречуваме одредена судска постапка, праша пратеникот.

– Враќањето на правната држава, на правдата во Република Македонија е нешто за кое сите со години се боревме, а Собранието треба и мора да биде првиот пример каде што таа практика ќе владее. Никој не е над законот, па ниту ние пратениците, рече Кирацовски, образложувајќи зошто гласаа за барањето на судот за симнување на имунитетот на шестмината пратеници.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се огласи со соопштение во кое наведува дека одлуката на Комисијата за деловничко и мандатно и имунитетни прашања не е базирана на факти и аргументи, туку на желбата за политички реваншизам на СДСМ и кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но и кон многу граѓани.

– Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и непочитување на Уставот. Пораката што СДСМ ја прати со денешната одлука на партиската Комисија за мандатно-имунитетни прашања е дека СДСМ не сака да постои опозиција на нивното владеење ниту во Собранието, ниту надвор од него, стои во соопштението. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, што посочуваат од таму, не сака да дава легитимитет на овие противуставни одлуки.