Собранието ќе избира нови уставни судии на 25 декември


На седницата закажана за 25 декември, пратениците треба да се изјаснат за предлозите на претседателот Ѓорге Иванов за комплетирање на Уставниот суд, кој подолго време е во нецелосен состав, односно функционира без една третина од членовите.

За нови членови на Уставниот суд Иванов ги предложи советникот во неговиот кабинет Дарко Костадиновски и универзитетскиот професор Осман Кадриу, кои би дошле на местата на Наташа Габер и Гзиме Старова, на кои во октомври им заврши деветгодишниот мандат. За да бидат избрани за членови на Уставен суд, Костадиновски и Османи треба да добијат поддршка од најмалку 61 пратеник. Освен тоа, за Кадриу ќе се гласа и според т.н. Бадентеров принцип.

Со оглед на отсуството на ВМРО-ДПМНЕ од парламентот, неизвесен е засега изборот на уште еден нов член на Устваен суд, за испразнетото место на Исмаил Дарлишта. Третиот кандидат треба да биде избран од немнозинските заедници во земјава, а како предлог на собраниската Комисија за избори и именувања, со која претседава Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако е на функцијата подолго од осум години, Иванов првпат предлага членови на Уставниот суд. Предлозите што тој ги достави до парламентот се сметаат за прв чекор на шефот на државата во насока на подобрување на кохабитацијата со новата владејачка гарнитура.