Собранието ќе ги разгледува измените на Изборниот законик по лидерската средба


Собранието на Република Македонија во рамки на денешното продолжение на 53-тата седница едногласно со 78 гласа „за“ одлучи Предлог законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, да се разгледува по завршување на лидерската средба која е во тек во Клубот на пратенците.

Претходно едногласно, со 61 глас „за“ и без присуство на опозицијата Собранието ги разреши од функцијата претседателот и членовите на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка во работен однос во втор степен.

Разрешени беа претседателката Ирена Брзанова, како и членовите на Комисијата Илче Бушаревски, Борче Размоски, Влатко Сајковски, Јаготка Иваноска, Менсур Зејнули, Шериф Мемети, Благица Тодороова, Дарко Доневски, Снежана Филиповска Павлеска и Јетмир Лика.

Едногласно и без расправа, но во присуство на опозицијата пратенците ја донесоа и завршната сметка на Буџетот на Република Македонија за 2017 година.

Собранието со 76 гласа „за“ и еден „воздржан“ го донесе Законот за зименување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај. Пратничката Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека и со измените и дополнувањата на Законот повторно се злоупотребува европското знаменце, но додаде дека пратениците од нејзината пратеничка група ќе го поддржат бидејќи им биле прифатени амандманите со кои, како што кажа, се излегува во пресрет на такси превозниците. Во репплика Диме Велковски од СДСМ рече дека со измените само се врши усогласување со европската легислатива.

Без расправа со 75 гласа „за“ Собранието го донесе и Законот за работно време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај со кој, исто така, се врши усогласување со европската легислатива.

Без расправа и едногласно пратениците ги донесоа и Зконот за изменување на Законот за безбедност на производите, на Законот за контрола на предметите од скапоцени метали, на Законот за заштита на потрошувачите, и на Законот за пратениците поднесен од пратеници од владеачкото мнозинство.