Собранието на утрешната седница ќе расправа за мандатот на Груевски


Предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски е на дневен ред на собраниската седница што почнува утре. Овој предлог, што вчера го усвои Комисијата за деловнички и мандатно иминитетни прашања, е засега последна точка во агендата, што не значи дека не може да биде поместен при утврдувањето на дневниот ред. Доколку, пак, остане како последна точка, за предлогот ќе се расправа на крајот на седницата за која е неизвесно кога ќе заврши.
За одземање на мандат на пратеник е потребно двотретинско мнозинство, што е малку веројатно дека ќе биде обезбедено за одземање на мандатот на Груевски поради правосилната пресуда против него на затворска казна од две години за случајот „Тенк’. Досега се паметат само два случаи на одземање мандат на пратеници. Некогашниот лидер на ДПА Арбен Џафери, во вториот собраниски состав, остана без пратенички мандат поради неоправдано отсуство од парламентот подолго од шест месеци. На дополнителните избори што се одржаа потоа за испразнетото место, Џафери беше повторно избран за пратеник. Хисни Шакири исто така остана без пратенички мандат поради неоправдано отсуство подолго од половина година, кога за време на конфликтот во 2011 година замина во ОНА.
Груевски требаше најдоцна до денеска да се јави во затворот во Шутка, но жалбите што ги поднесе неговата одбрана по сѐ изгледа ќе го одложат извесно време издржувањето на казната.
Ако отиде во затвор и ако потоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ редовно го пријавува како оправдано отсутен на собраниските и на комисиските седници, Груевски и натаму ќе фигурира како пратеник и ќе зема плата од Собранието.