Собранието го усвои вториот нацрт-амандман, расправата продолжува утре


Собранието вечерва со 65 гласа „за“, 18 „против“ и 8 воздржани го усвои нацрт-амандманот XXXIV на Уставот на Репубпика Македонија. Со овој амандман се предвидува во Преамбулата на Уставот зборовите „одлуките на АСНОМ“ да се заменат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додава Охридскиот рамковен договор. За време на попладневната дебата за XXXIV амандман пратениците од власта и опозицијата ги бранеа своите веќе познати ставови. Се вклучи и Зијадин Села, од Алијансата на Албанците кој рече дека во преамбулата сите граѓани на Македонија треба да бидат еднакви без разлика на етничката припадност. Патот за ЕУ и НАТО, според него, е пат за повеќе права на граѓаните на РМ и еднаквост помеѓу народите и внатрешна меѓуетничка кохезија.

– Ние инсистираме да се дефинира како мултиетничка држава во Преамбулата. И верувам дека секој политички субјект во Собранието на еден или на друг начин го има кажано ова, рече Села.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров му реплицираше на Села дека е легитимно за овие прашања да се разговара, особено во јавната расправа што претстои.

– Не е добро чуството дека некој тука е привремено. Македонија е заедничка држава на сите нас и мислам дека е вредно за сето тоа да се дебатира, рече Димитров на пленарната седница.

Претходно претпладево Собранието со 67 гласа „за“, четири „воздржан“ и 23 „против“ го утврди нацртот на амандманот XXXIII на Уставот на Република Македонија. Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.

Седницата продолжува утре во 11:00 часот  со расправа по XXXV амандман, а по неговото изгласување и по XXXVI нацрт-амандман.