Смртта на Саздовски опасен фитил за нетрпеливост


Солзи и тага за која нема утеха ги преплавија вчера семејството, блиските, пријателите, познати и непознати што дојдоа да му изразат последна почит на Никола Саздовски-Саздо (21), кој почина откако крвнички беше претепан на улица во скопската населба Автокоманда. Имаше свеќи на тревникот пред Собранието, колона на навивачката група „Комити“, чиј припадник беше младиот Саздо и развиорен бајрак во негова чест, на кој пишува: „Боже, чувај ја Македонија“. Збирното место беше пред стадионот на Вардар, а потоа сите тргнаа кон Ракотинци, каде што беа положени посмртните останки на прерано починатото момче.

Навивачките групи од целата земја изразија сочувство за смртта на навивачот на скопските „црвено-црни“, а „Комитите“ уште еднаш изнесоа обвинувања кон полицијата, обвинителството и дел од медиумите што се обидоа да го забошотат случајот.

„Десет дена, срцето лавовски се бореше со сите нанесени повреди и на крај, се реши да одмори, да отпатува на подобро место. Саздо беше нападнат и убиен од луѓе кои само се нарекуваат навивачи, а во основа се криминалци, дилери, убијци и најважно од сè, заштитени се како никој друг во државава. Прости ни Саздо, не успеавме да те заштитиме од нашите душмани. Даваме заклетва дека ќе ја истераме правдата на каков било начин. Ќе останеш засекогаш во нашите срца“, наведуваат „Комитите“.

Смртта на младиот Саздо веќе втор ден ја бранува јавноста. Горат социјалните мрежи, граѓаните се вознемирени, родителите стравуваат за безбедноста на своите деца. Надлежните испраќаат пораки на трезвеност и смирување на ситуацијата, да се остават институциите да ја завршат задачата, но постои страв ситуацијата да не ескалира. Во обвинителството продолжува истрагата за случајот, вчера ги добиле резултатите од обдукцијата. Тие покажале дека смртта настапила поради повреди на мозокот.

Првично, три лица се гонат за насилство, но се тврди оти има шанси делото да биде преквалификувано во обид за убиство. Од таму ги демантираат написите дека вчера сведочел клучен сведок. Напротив, објаснуваат оти секојдневно се водат разговори, се вршат вештачења, се бараат докази да се утврди што точно се случувало во петокот на 29 јуни околу 17:30 часот на автобуската станица на булеварот „Александар Македонски“. Неточни се и гласиштата дека е уапсен и третиот напаѓач на Саздовски. Засега во притвор се Б.Б. (20) и С.Д. (21), додека по Ј.Љ. (19) се трага.

Основачот и претседател на Здружението на ветераните од војната на ОНА, Даим Хисени, испрати писмо со сочувство до семејството на Саздовски, во кое наведува дека е посрамен од криминалното злосторство извршено од страна на хулигани што припаѓаат на неговиот етникум.

„Свесни сме дека вашиот син не можеме да го вратиме меѓу своите родители и пријатели, но правдата за неговата смрт бараме да се води до крај. Животот е ист за секого, а детето е нешто најсвето во семејството. Дозволете денеска да ја споделам претрпената болка заедно со вас. Посрамен сум од криминалното злосторство извршено од страна на хулигани што припаѓаат на мојот етникум“, додава Хисени.

Според него, погрешната политика во државата со сеење национална и верска омраза е една од главните причини чии последици ни ги кршат срцата со губење животи меѓу младата популација.

„Нека мирната душа на Саздо биде јасна порака до сите нас како во иднина треба да дејствуваме во семејството, како да ги воспитуваме нашите деца и како треба да се лекува и негува нашето болно општество“, вели Хисени.

И пратеникот Артан Груби од ДУИ изрази сочувство до семејството на несреќното дете. Неговата реакција уследува по прозивките дека убиството го извршиле членови на навивачката група „Шверцери“ од Чаир, чиј припадник беше и Груби. Поради тоа, велат „Комитите“, членовите на оваа навивачка група се заштитени како бели мечки.

„Сочувство до семејството и пријателите на починатиот млад човек кој им подлегна на повредите по физичката пресметка пред неколку дена. Жалам што толку голема трагедија се злоупотребува на најканибален начин од страна на многу луѓе на социјалните мрежи, поттикнувајќи хистерични реакции и лажни вести. Ниту политиката, ниту етничноста, а уште помалку јас или ДУИ имаме каква било врска со овој случај. Немојте да им го убивате момчето по втор пат за вашите политички потреби, оставете ја правдата да го каже своето“, апелира Груби.

Професорот од Факултетот за физичка култура, Иван Атанасовски, вели дека станува збор за трагична пресметка што се случува надвор од спортските арени и дека нема врска со спортски настан.

„Благодарение на епитетите дека се припадници на одредена навивачка група или етникум се додава масло на огнот во критични моменти за нашето општество. Политичките партии го злоупотребуваат случајот. Имаме убиство на младо момче и институциите се должни во постапка да го истражат и да ги казнат сторителите. И сите ние како граѓани сме должни да веруваме во институциите. Кога зборуваме за овој настан, логично е во првите 24 часа да имаме наплив на емоции, особено кај припадниците на навивачките групи. Во време на интернетот, секој може да лиферува што сака, но сакам да верувам дека институциите го контролираат и овој сегмент, бидејќи тоа се инсинуации оти навивачките групи сами ќе ја преземат правдата во  свои раце. Да не дојдеме до фаза на анархија, каде што самите меѓу себе ќе се пресметуваме“, вели Атанасовски во изјава за „Независен весник“.

Тој потенцира дека нашата земја е пред портите на ЕУ и на НАТО, па ред е да почнеме да се однесуваме како што тоа го прават другите земји членки.

„Имаме сериозен прекршок, сторители, да се најдат мотивите и да не се злоупотребува спортот. Навивачките групи не го шират национализмот, тие се сите сплотени во идејата и љубовта кон клубот за кој навиваат, но политичките партии им го наметнуваат и ги злоупотребуваат“, коментира Атанасовски.

Дваесет и едногодишниот Никола Саздовски им подлегна на повредите по десетина дена минати во кома на Клиниката за реанимација и интензивно лекување. Неговите другари велат дека Саздо бил голем другар, храбро и непоколебливо момче. По преписките на социјалните мрежи, еден месец бил следен од тепачите, кои го начекале додека бил со девојката. Излегле од „мерцедес“, го претепале со шипки и побегнале.

 

Заев: Да се воздржиме од говор на омраза

Премиерот Зоран Заев упати апел за воздржување од говор на омраза и разгорување нетрпеливост по смртта на дваесет и едногодишниот Никола Саздовски. „Омразата и насилството не ѝ прилегаат на Македонија и одат на директна штета на нашата иднина и на нашата младина. Апелирам сите да се воздржиме од говор на омраза и од разгорување нетрпеливост. Само така ќе им дадеме можност на институциите да си ја завршат својата работа, за што се платени од граѓаните. Правдата и толеранцијата во општеството се наши заеднички цели, да се вложиме целосно и одговорно за да ги достигнеме“, порача Заев, изразувајќи сочувство до семејството на младиот Саздовски.

Горан Адамовски