Случајот за Села продолжува на 11 јуни за деветмина од обвинетите


Случајот за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села во Собранието на 27 април 2017 година, продолжува на 11 јуни за деветмина од обвинетите, откако на денешното рочиште беше повлечено обвинението против Сашо Сенков.

Обвинителот Дарко Јакимовски, на почетокот на расправата рече дека се утврдени нови елементи со изнесувањето на новите докази на претходното рочиште, и предложи измена на обвинителниот акт.

Според изменетото обвинение, двајца од обвинетите Цејо Георгиевски и Стојан Павлевски се теретат за насилство, а  останатите обвинети Кире Георгиевски, Оливер Ошавковски, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски и Коста Делов се товарат за обид за убиство.

Судечкиот совет, на предлог на Обвинителството донесе решение мерката притвор против Цејо Георгиевски и Стојан Павлевски да биде укината и им определи мерка за претпазливост, задолжително пријавување во Судот и забрана за напуштање на државата.

Денешното рочиште беше прекинато околу еден час, откако во судот се онесвести обвинетиот Александар  Јаневски Тошта, по што со Брза помош беше пренесен во болница на Клиника за кардиологија.

Адвокатот на Сашо Сенков, Рубин Двојаков, на паузата кажа дека е задоволен од постапката на обвинителот, оценувајќи ја како храбра и законита одлуката да го повлече обвинението. Прашан дали ќе бараат оштета, кажа апсолутно да, во согласност со правото за надомест на штета пред надлежните судски органи.

Прашан за коментар на одлуката за Сенков, претставникот на оштетениот Абидин Абдули, пред новинарите, кажа дека одлуката била заеднички донесена во координација со обвинителството.

– Што се однесува до другите обвинети мислам дека за сите постојат факти и докази за нивната вмешаност во случајот, рече Абдули.

Потврди дека е можно проширување на обвинението против други лица кои не се опфатени, а се гледаат на најновата видео снимка, но откако дополнително ќе се консултираат со обвинителството.